Дискриминацијата како феномен во нашето општество стана актуелна тема во изминатата година особено за новинарите, кои известуваат за случаи на дискриминација по различни основи, се обидуваат да ги следат судските постапки и да посочуваат на позитивни судски одлуки за дискриминација.
Сепак, ЛГБТИ правата и дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет сеуште претставуваат тема која создава непријатност како за граѓаните, така и за дел од претставниците на здруженијата на граѓани кои работат во делот на недискриминацијата, појава што особено загрижува.
Впрочем, неудобно им е и на оние кои се дел од ЛГБТИ заедницата да зборуваат за секојдневната дискриминација и насилството (психичко и физичко) во сите сфери од животот, а најмногу од семејството, колегите, пријателите. Сето ова е разбирливо поради историското прогонство и постојаното стигматизирање, заради кои ЛГБТИ лицата се поставени во дефанзивна ситуација – постојано да се бранат себе си или нивниот пријател, постојано да објаснуваат кои се тие права кои не ги уживаат и кои права дополнително се загрозени, а веќе и до степен дека можеби ќе треба да го бранат и неприкосновеното право на живот. Сведоци сме дека и во случаи на насилство ЛГБТИ заедницата треба постојано да се оправдува и постојано да се брани од континуираната дискриминаторска политика на државата единствено поради погрешната слика која постојано се промовира.
Ваквата состојба е доказ дека негативната пропаганда успеа да ја вовлече и самата ЛГБТИ заедница. Државата успешно ја игнорира должноста да одговори за дискриминацијата, која веќе станува структурна и насилството врз ЛГБТИ лицата, па одговорноста ја замени со прашања, кон оние најкревките, ја замени со влевање страв. Ваквиот заклучок не е случаен, туку произлегува од неосудувањетото и непронаоѓањето на сторителите на насилството врз ЛГБТИ активистите и нападите врз ЛГБТИ Центарот за поддршка и покрај тоа што измина повеќе од една година од овие настани. Впрочем, неказнувањето е легитимирање и охрабрување на насилството!
Во отсуство на одговори од државните институции, време е да тргнеме од себе и кон себе да го поставиме прашањето зошто дозволуваме цела една група на луѓе да биде осудена на дискриминација и насилство, единствено поради својата различност? Зошто дозволуваме да станеме соучесници во неказнување на насилство? Заборавивме ли дека дозволата да не се казни дискриминација или насилство е силно оружје кое може да биде употребено и против нас заради било која друга причина?
Впрочем, правата на ЛГБТИ луѓето ги допираат и правата на жената, правата на детето, правата на работникот, правата на маргинилизираните заедници, па оттука е апсурдно да се идентификуваме како заштитници на определени категории на права, а да го игнорираме прашањето на правата на ЛГБТИ луѓето. Правата на ЛГБТИ луѓето може и треба да се разгледува единствено од аспект на човековите права, за чие остварување не смее да има компромис. Обединетите нации и Советот на Европа, меѓународни организации во кои Република Македонија членува, децидно се имаат изјаснето по ова прашање Ако навистина сме земја на солидарност, ако промовираме љубов, ако се бориме против омразата, зошто оставаме истата да биде легитимна единствено кон ЛГБТИ лицата?
Во ситуација кога поголемиот дел од земјите во Европа, вклучувајќи ги и нашите соседи, ја имаат вклучено сексуалната ориентација како посебен основ за дискриминација во законите кои се lex generalis во заштитата од дискриминација, Република Македонија одбива да го стори тоа во Законот за спречување и заштита од дискриминација, со што покажува селективност и хипокризија во заштитата на човековите права. Потребата за вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во членот 3 не е проста симболика, туку има и суштинска важност поради тоа што ЛГБТИ заедницата ќе биде препознаена и ќе влезе во правната рамка за заштита од дискриминација. Притоа, кога државата ќе подготвува различни стратегии и акциски планови за борба против дискриминацијата, сексуалната ориентација и родовиот идентитет ќе можат да бидат вклучени како основи на дискриминација против кои државата ќе се бори.
Затоа, време е да прифатиме дека ЛГБТИ заедницата претставува реалност во нашето општество! Хомосексуалноста не е заразна, ниту е болест, ниту мода. Тоа е лична карактеристика на човекот исто како што е хетеросексуалноста. Време е гласно да ја прашаме извршната и законодавната власт – зошто сексуалната ориентација и родовиот идентитет ги нема во член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација? Кој и зошто е исплашен од ЛГБТИ лицата и наметнува погрешна слика за она што се припадниците на ЛГБТИ заедницата и она за што се борат – слобода да се биде различен, слобода да се биде свој, вредности за кои треба да се бори секој во вистински демократско општество.
Неда Чаловска
Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија
Извор: http://libertas.mk