На деветнаестти април, се навршуваат точно десет години од моето прво јавно излегување како геј маж. Се случи тоа во емисијата „Чуму“ на „А1“ телевизија, во тоа време најгледаната телевизија во земјата. Требаше повеќе предуслови за да се случи еден таков “coming out “ или „излегување од плакар“.
Претходно, во септември 2004, се формираше Македонската асоцијација за слободна сексуална ориентација (МАССО). Се направи истражување заедно со Хелсиншкиот Комитет и Центарот за човекови права и разрешување на конфликти за идентификување на ЛГБТ популацијата во Македонија. Александар Чомовски, како новинар, храбро влезе во отворање на едно од најголемите табуа во општетството. Се направи вмрежување со ИЛГА Европа и други сродни организации од регионот и светот. Сите овие претпоставки доведоа до тоа прво кршење на табуто околу сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
Реакциите беа бурни. Луѓе ми кажуваа дека многумина наместиле аларми, да „не заборават да го видат педерот, кој јавно ќе каже дека е тоа“. Тие можеби гледале во „педер“ секој ден, но не знаеле за тоа. Она што за мене беше шокантно е поддршката која ја добив. Особено од хетеросексуалците. Тоа, веројатно, тешко е да им се објасни на младите денес. Особено на овие кои израснаа во периодот од 2006та година, па наваму.
Да се разбереме, имаше и тогаш хомофобија. Целиот тој корпус на права допрва се отвораше. Но, денес, различно е воспоставен стремежот на општеството. Она што е различно е што, во меѓувреме, хомофобијата стана официјално/државно спонзориран политички став. Хомофобичниот говор и насилство станаа соодветно однесување и говор, што претходно не беше случај. Што би рекла владеачката партија – има разлика!
Имаше и негативни реакции. Имаше негативни реакции и од луѓе кои се припадници на ЛГБТИ заедницата. Особено оние кои беа конформирани и веќе имаа воспоставено систем на функционирање во такви услови на невидливост или непостоење. Она што ми паѓа на памет, преку што можам да ја објаснам таа ситуација е споредбата со онаа политика на армијата во САД, а која неодамна беше укината: don’t ask – don’t tell, или така наречен „двоен живот“. Рушењето на тој конформизам на луѓе кои се слеале во едно исклучувачко, затворено општество каде ЛГБТИ луѓето „не постојат“, секако дека предизвика негативни реакции.
Но се јавија и оние кои во таа целосна невидливост се чувствуваа изолирани и сами. Дури многумина беа жртви и на застрашувачка хомофобична тортура, и беа подготвени на с? за да го променат тоа. Така, луѓе кои беа избркани од дома, жртви на домашно и друго хомофобично насилство, без пристап до образование, без пристап до работа, здравствени услуги, социјално загрозени, на кои им требаше помош, беа среќни дека беше основана организација која ја направиле луѓе како нив, и можат да се поврзат.
Има разлика и во пристапот и начинот на добивање информации, потенцијалот да се овозможи едукативна, но и вмрежувачка активност, да стигне нашиот глас насекаде. Да допре до оние на кои тоа им е потребно или сакаат да се едуцираат. Медиумите во тоа време ни овозможуваа да се обраќаме на јавноста, да ја кажеме нашата страна на приказната, и секако дека имаше сензационализам во сето тоа. Сепак, разликата е во тоа што сега ние немаме пристап до меинстрим медиумите, односно токму тие бесрамно шират хомофобија и поттикнуваат насилство.
Последиците од таква активна хомофобична кампања, поддржана и промовирана од највисоки претставници на државни институции и партиите на власт се застрашувачки. После седум години од моето јавно појавување како бранител на правата на ЛГБТИ луѓето, за првпат бев нападнат пред почнувањето на Маршот за толеранција во 2012 година, на главниот плоштад во Скопје, пред полицијата која требаше да ја врши својата работа и да ме штити.
Доживеавме шест напади на ЛГБТИ Центарот за поддршка, од кои при два напади имаше повредени луѓе. Секојдневно доживуваме закани од најразличен вид на социјалните мрежи. Едноставно, општеството се затвори, стана насилно и како да бара начин да ги уништи или избрка сите кои не се по ќеф на овие кои владеат.
Кој можеше да помисли дека некој ќе се осуди да ја киднапира иднината на сопствената држава и сограѓани? Кој можеше да помисли дека место најдоброто, некој ќе работи на вадење на најлошото од нас? Кој можеше да помисли дека дното нема крај? Десет години не стоиме во место, туку одиме наназад.
Како се приближува 19ти април, с? повеќе размислувам за тоа дали денес, во вакви услови би го направил истото? Првично, одговорот е не! Го нема тој баланс на односите и тоа изгледа како да е премногу ризично. Но од друга страна, одговорот уште повеќе заради тој дисбаланс е ДА!
Би го направил тоа, а го прават тоа и многу храбри луѓе, токму денес. Токму денес е потребна видливоста за да се потиснува насилството. Само персонализацијата, личниот пример и приказни може да придонесат кон тоа. Само станувајќи свесни дека ЛГБТИ луѓето се нивните најблиски роднини, пријатели, соработници, луѓето можат да ги надминат предрасудите.
Тешко е некој да им ја продаде омразата против луѓе кои тие ги знаат цел свој живот и ги сакаат такви какви што се. Можеби, токму овој јубилеј може да поттикне некој да се отвори пред своите најблиски и да ја симне таа планина на лажење и двоен живот од своите плеќи засекогаш. Да се ослободи.
Нема поубаво чувство од тоа да си слободен и свој.