Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ промовираше Прирачник со меѓународни стандарди за заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
Прирачникот претставува одлична алатка за секој активист за човекови права, а посебно за оние кои се бават со правата на ЛГБТИ луѓето. Повеќе од тоа, овој прирачник претставува чекор напред во напорите за градење на една организирана, координирана и добро информирана заедничка позиција за подобрување на социјалниот и правниот статус на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија, кој во голема мера ќе придонесе во борбата за рамноправност.
Во прирачникот се претставени одредбите за забрана и заштита од дискриминација во најзначајните меѓународни договори за заштита на човековите права усвоени од Обединетите Нации, правната пракса на одделните Комитети во случаи на заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, како и препроаките и согледувањата на Комитетите во врска со овие заштитени основи. Понатаму, дадени се најзначајните пресуди на ЕСЧП во врска со случаи за заштита на правата на лицата со различна сексуална ориентација и родов идентитет. И на крај, прирачникот дава осврт на правната рамка на ЕУ и неколку случаи на Европскиот суд на правдата.
Во првиот дел, прирачникот ги содржи меѓународните договори усвоени од страна на Генералното собрание на ООН, на кои Република Македонија им пристапила со нивното потпишување и ратификување. За попрактична употребана овие документи, издвоени се само одредбите што во себе содржат забрана за дискриминација и обврска за државата да овозможи заштита од дискриминација.
Во вториот дел прирачникот ги изложува правната рамка и правната пракса на регионалниот механизам за заштита на човековите права, Советот на Европа. Имено, најголем акцент е ставен на Европската конвенција за човековите права и слободи (ЕКЧП) и на пресудите на ЕСЧП, каде што се дава осврт на позначајните пресуди што имаат извршено влијание врз развојот на меѓународните стандарди за заштита на правата на лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродните и интерсексуалните лица.
На крајот, прирачникот дава преглед на правната рамка за заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и на родовиот идентитет на Европската унија.
Исто така е истакнато дека иако овие основи честопати не се експлицитно наведени во основните инструменти за заштита на човековите права, сепак постои континуиран тренд на прифаќање на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, на регионално и меѓународно ниво. Со употребата на овој прирачник би се овозможило започнувањето постапки и одлучувањето во случаите на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, преку директна примена на меѓународните стандарди, што всушност е и целта на прирачникот.
Прирачникот можете да го превземете на слидниот линк.