Премиерот на Албанија, др. Сали Бериша, од десно ориентираната Демократска партија, им посака добредојде на двајца ЛГБТ активисти, Џени Карај и Кристи Пиндери. Тој е првиот Премиер на Албанија кој го направил ова, откако беше и првиот албански политичар кој јавно се изјасни дека е за озаконување на истополовите бракови, пред речиси 4 години, по изборите во 2009.
Бериша, кој се бори за трет мандат како Премиер, изрази целосна поддршка за ЛГБТ движењето во Албанија и изјави дека го цени тоа што активистите го кренале гласот за своите права. „Внимателно ги следев вашите акции и мислам дека досега сте реагирале на добар начин секогаш кога тоа било потребно“ изјавил тој, додавајќи дека „важно е да верувате во она што го претставувате. […] Да бидам искрен, [на почетокот] ми беше жал што иако постоеше дебата за ЛГБТ прашањата, никој од заедницата не можеше да излезе јавно и да ги брани ставовите на заедницата. Затоа го ценам фактот што вие се појавивте на телевизија и направивте ЛГБТ прашањето да добие внимание од јавноста.“
Тој исто така ја осуди претходната изјава на заменик-министерот за одбрана Екрем Спахиу, која гласеше: „Она што останува да се направи е да бидат истепани со стап. Доколку не разбирате, да ви објаснам: треба да бидат истепани со гумена палка.“ Бериша на тоа одговори: „Овој тип на изјава е неприфатлив не само за заменик-министер, туку и за кој било друг човек.“ Тој додаде дека секој политичат во државата треба да има јавно произлегување за ЛГБТ прашањата и да се соочи со нив без страв или комплекси.
Двајцата активисти разговараа со Премиерот за неодамна предложение амандмани на кривичниот законик, кои се’ уште се во постапка на одобрување во парламентот. Амандманите би вклучувале криминализација на навредите и намерното злоставување кон ЛГБТ луѓето преку дигиталната технологија. Бериша одговори дека внимателно ги следи процедурите и дискусиите по овие амандмани и додаде дека ги поддржува во целост.
Карај и Пиндери ја истакнаа потребата од вклучување на граѓанското општество во предлагањето и дискутирањето за членовите и челниците на Комисијата за антидискриминација. Тие додадоа дека Aleanca LGBT и Pro LGBT не се задоволни од досегашната работа на оваа институција. Ставот на Бериша е дека законот за антидискриминација на Албанија, кој е прилично прогресивен, треба да се смета за можност. Тој рече дека владата има волја да го спроведе безусловно. „Треба да погледнеме кон иднината.“
Кристи Пиндери и Џени Карај исто така му објаснија на Премиерот дека пред четири години кога се изјаснил дека е за истополови бракови, тие се’ уште не се познавале меѓусебно но се сретнале по повод едно соопштение за јавност. Тие го прашале Бериша дали неговиот став е се’ уште во полза на истополовите бракови, или барем за регистрирани партнерства на истополовите парови. Тој одговори дека неодамна на телевизија гледал геј пар кој ја раскажувал својата приказна и додал: „Не гледам ништо погрешно во тоа што сакаат да живеат заедно. […] Но не заборавајте,“ додал, „дека за да се скрши мразот во општеството ќе биде потребно одредено време. Но она што е важно е што вие сте на вистинскиот пат.“
Тој предложил да не се има конфронтирачки став кога се среќаваат со хомофобични реакции. Активистите одговориле дека е време за ЛГБТ движењето да го подигне својот активизам на едно повисоко, политичко ниво. „Сакаме сега да комуницираме со главните политички актери во државата, со цел да ги решиме нашите проблеми“, изјавиле Карај и Пиндери.
Премиерот им гарантирал дека владата целосно го поддржува правото на мирно собирање на ЛГБТ заедницата, имајќи предвид дека Поворката на Гордоста во Тирана (Tirana Pride) е најавена од страна на три ЛГБТ организации за во септември годинава, а најавени се и јавни настани во рамките на IDAHO (Меѓународен ден против хомофобија и трансфобија) на 17ти мај.