Во продолжение го пренесуваме говорот на Биљана Гинова, на протестот од 5 мај, 2016 година:
Она што планирав да го кажам вчера на протестот, ама заради емоциите и тремата што стоев пред илјадници граѓани не стигнав се’ да кажам:
Пред пет години Мартин беше убиен на плоштад пред десетици сведоци и врхушката на власт, се обиде да го сокрие тоа, само затоа што им го наруши ПР планот што веќе им беше спремен за денот после избори. А тој план беше многу важен за нив за да ја покажат својата моќ и дополнително да ги заплашат сите неистомисленици. Убиството на Мартин собра многу од нас на улица, бесни, револтирани и здружени во борбата за правда. Направивме девет барања, од кои само едно се реализира и тоа 4 години подоцна – оставката на тогашната миниситерка за внатрешни работи. Луѓето, платениците или заложниците на режимот, кои бесрамно лажеа за убиството на Мартин се’ уште се на слобода, додека нашите другари се приведуваат и држат во притвор како најголеми криминалци.
Помина една година откако слушнавме се’ во што се сомневавме и за што обвинувавме за време на протестите во 2011 година. Револтот беше уште поголем кога ги слушнавме монструозните кикотења врз убиството на дете и кога чувме дека единствената грижа им е како тоа не успеале да го прикријат убиството. Излеговме на улица против полициската бруталност, добивме уште повеќе. Бевме тепани, газени, бркани по влезови и тесни улички. Влегоа дури и во библиотека да тепаат – барајќи го таму најголемиот државен непријател – едуцираниот студент. Ама не им успеа да не заплашат. Ние сме повеќе, посилни и поздружени.
Денес протестирам за Мартин, Тамара, Трајан Беќиров. За Борјан и Здравко. За мене, за вас и за вашиот сосед кој можеби вечерва ќе биде приведен затоа што се нашол на некоја фотографија. Тука сум и за полицајците кои овој режим ги жртвува, во обид да се заштити. Протестирам во име на сите жртви.
Не сум тука само да зборувам, јас сум тука да ве регрутирам (како што кажа еден од моите лични херои, Харви Милк)! Тука сум да ве регрутирам во борбата за слобода и во обновувањето на правните и хумани принципи. Заедно одново да ја изградиме оваа држава. Сите овие години нам ни се наметнува култура на насилство, ја живееме, навлезена е толку длабоко во секоја пора на општеството, што ја има дури и внатре отпорот. Таа култура на насилство треба да ја промениме и да ја искорениме еднаш засекогаш. Пренесувањето на таа насилна култура мора сега и тука да престане. А за тоа да го постигнеме, секој еден од нас е важен. Секој еден што стои на улица и гласно се спротивставува или јасно нуди промена, вреди за илјадници кои не се тука. Секој од нас, кој сите овие години излегувал и го дигал својот глас е дел од оваа борба за слобода.
Ни се зкаануваат, не малтретираат, не цензурираат, ама нема да не заќутат. Овој протест е на граѓаните и граѓанките и никој не може да ни го земе. Да бидеме уште побројни, погласни, погневни, насекаде, како знаеме и умееме. Нашето учество во протестите на улица е важно затоа што тоа е почеток, така го заземаме местото во „политичкото“. Денес протестираме против овај автократски и корумпиран режим, но со тоа ние и учествуваме во градењето на новото демократско општество. Со тоа што сме на улица, ние ги поставуваме темелите на кои ќе се градат демократските принципи и вредности.
ЌЕ ИМА ПРАВДА, ЌЕ ИМА МИР!!!
#Протестирам
*Преземено од фејсбук профилот на Биљана Гинова // Фотографија: Ванчо Џамбаски
?