Во Танзанија, земја со 55 милиони луѓе и 120 племиња, едно племе ја развило традицијата nyumba ntobhu („Куќа на жените“), кој им овозможува женски бракови на вдовиците за да се осигура правото на наследство, во отсуство на сопругот или синот. Сега постојат 10-15% такви домаќинства, пишува Абигејл Хејворт во списанието Marie Clair.
Nyumba ntobhu е алтернативна семејна структура која кај културата Кјурја постои со години. Никој не знае кога била покрената, објаснува Дина Менинг, новинарка во весникот Mwananchi, но главната цел на ваквата традиција е на вдовиците да им се осигура задржување на сопственоста. Во склад со племенскиот закон, само мажите имаат право на наследство, аnyumba ntobhu, на вдовиците без синови или на жените оставени сопругот им овозможува влез во заедница со помлада жена, која може да има љубовник, и наместо неа да роди наследник.
Оваа практика не е ниту приближно слична на истополовите бракови или животното партнерство, бидејќи хомосексуалноста е забранета, а врската не вклучува сексуални односи. Сепак, како полигамна, патријархалната култура Кјурја им дозволува на мажите да купуваат жени, па сè поголем број млади припаднички на племето одлучуваат да се венчаат со друга жена.
„Жените сфаќаат дека на тој начин добиваат повеќе моќ и слобода“ – вели Менинго. „Добиваат прeдности на стабилно домаќинство со можност за избор на машкиот сексуален партнер.“ Исто така, овој семеен систем придонесува за намалување на ризикот од семејно насилство во семејството, бракот меѓу деца и сакатењето на женските гениталии, и придонесува за образовани ќерки во тие семејни заедници.
Во таков брак од 2015 година се Мугоси Манинго (49) и Анастасија Јума (27), која кога имала само 13 години татко ? ја принудил да се омажи за педесетгодишник, а за возврат добил осум крави. Сопругот на Јума се однесувал со неа како со робинка, а кога родила син, одлучила да побегне. Подоцна била во врска со двајца други мажи и родила уште два сина, но ниту еден од татковците не се задржал, па како што вели, престанала да им верува на мажите. „Никако не сакав друг сопруг. Стапувањето во брак со жена се чинеше како најдобро решение.“
Мугоси вели дека партнерството со Јума за неа било совршен спој. Нејзиниот сопруг ја оставил пред десет години, зашто не можела да има деца, но никогаш официјално не се развеле. Кога умрел, пред 18 месеци, сопственоста на земјиштето преминала на неговите роднини. „Имав среќа што ја пронајдов Анастасија и нејзините момчиња, бидејќи сега имам семејство со наследници“ – објаснува таа, додавајќи дека многу ги сака.
Мугоси истакнува дека веќе не е заинтересирана за романтични врски со мажи, но Јума поттикнува на независен љубовен живот. Заинтересирани мажи не недостигаат, но Јума сака личност која е нежна и сигурна и посакува да има уште три деца. Нивниот потенцијален биолошки татко ќе мора да ја почитува традицијата nyumba ntobhu, да се откаже од правата на татковство, да го почитува домаќинството во кое дошол, и да не покажува знаци на љубомора.
Проблеми поради откажувањето на татковство главно не постојат, бидејќи мажите не сакаат да им се спротивстават на старешините кои ги поддржуваат истополовите заедници, но доколку работата стигне до судска пресуда, сето тоа може да биде во корист на таткото, бидејќи овие бракови не се државно признати, туку само племенски.
Главниот старешина Елијас Магани (65), појаснува дека браковите меѓу жените се поддржуваат бидејќи служат на голем број цели во рамките на племето.
Првенствено го решаваат проблемот на вдовиците, кои не остануваат без својот имот и не претставуваат товар на заедницата, а ова им оди во прилог и на клановите кои сакаат да ја избегнат можноста сопственоста на нивниот починат член да премине во рацете на друг клан во случај вдовицата повторно да се премажи. Кога вдовицата ќе стапи во брак со жена, сопственоста останува во внатрешноста на групата на која ? припаѓала. Но, можноста за директно наследство за жените не ја гледаат како можност, племенскиот совет тоа не би го го прифатил.
Овој податок не изненадува доколку се има предвид дека сите 200 членови на Советот се мажи, а родовата дискриминација ја зајакнува нееднаквоста на државно ниво, за што говори податокот дека помалку од 20% од жените во Танзанија поседуваат земјиште на свое име.
Семејното насилство е најзачестена форма на насилство на кое, според податоците на Министерството за здравство и социјална работа, се изложени 45% од жените на возраст меѓу 15 и 49 години, а во областите погодени од сиромаштија, слабо образование и алкохолизам, бројката е уште поголема. За решавање на проблемот со насилството, владата спроведува програми за освестување на јавноста, и во полицијата отворила посебни шалтери за семејно насилство, но сè уште не постои сеопфатна законска регулатива која би ги забранила семејното насилство и силувањето во бракот.
Затоа женските домаќинства се перцепирани како најдобра достапна одбрана, бидејќи со племенскиот закон на мажите им се забранува насилство кон „жените кои не се нивни“ – вели главниот старешина, ненамерно откривајќи дека во класичните бракови не постојат племенски регулативи со кои се забранува семејното насилство.
Можеби треба да се истакне дека и женските бракови не секогаш имаат брилијантна приказна, па се случувало помладата сопруга да се заљуби и да побегне со децата, а Дина Менинго наведува и случај на помлада жена која во бракот со постара жена била жртва на злоупотреба од постарата жена која ? договарала партнери, со цел што е можно побрзо да роди дете за да се обезбеди наследството. Примери како последниов се ретки, но Менинго предупредува дека „мораме да бидеме внимателни и да не веруваме слепо дека nyumba ntobhu браковите се сигурни. Понекогаш тие само ја отсликуваат општата култура на насилничко однесување кон жените во општеството.“
Извор: okno.mk