Во 2015 година регистрирани се 23 убиства на трансродови жени во САД, два пати повеќе од 2014 година кога бројот изнесуваше 12. При нашето истражување за главната причина на овие криминални дела, покрај разговорите со полициските станици, со пријателите и семејството на жртвите, имавме прилика и да разговараме со реномираната квир теоретичарка, авторка на „Проблеми со родот“, Џудит Батлер.
Сознанијата на Батлер за животот и смртта на трансродовите жени во 2015 година навлегуваат подлабоко од површните детали околу нивната смрт. Заедно со нашите податоци, нејзината перспектива отсликува потресна реалност за вистинската причина за насилството кон трансродовите жени и фаталната важност на интерсекционалниот пристап кон ослободувањето на трансродовите луѓе.
Еден од најзначајните, но сепак често превидени аспекти на овие криминални дела е самиот род на убијците. Батлер го мапира насилството кон трансродовите лицата назад до изворот, при што предлага дека трансродовите смртни случаи се предизвикани од мажи заради потребата на мажите да ги исполнат културно наметнатите стандарди на машката моќ и машкоста.
Таа исто така истакнува дека родот не смее да се издвои од другите реалности во животот на жртвите. Во деведесет и еден процент од трансродовите убиства кои ги истраживме жртвите биле со обоена кожа. Пред сè се работи за сиромашни лица; голем дел од нив се занимавале со сексуална работа. Полицијата не ги класифицира овие убиства како злосторство од омраза, приклонувајќи се кон кратковидна перспектива. Со нејзиното настојување да ги согледа овие факти заедно, Батлер го стори она што полицијата не успеа: таа утврди дека контекстот во кој овие жени живееле и починале е неразделив од нивниот живот како трансродови обоени жени.
2015 беше година на контрадикции за трансродовите лица. Видливоста и активизмот беа на највисоко ниво до сега во текот на целата година (како резултат на Кејтлин Џенер, серијата Транспарентност, итн.) а триумфите на поп културата имаа и политичко влијание (здравствени реформи, постапки на Конгресот против насилството врз трансродовите лица). Но истовремено, пријавите за насилство врз трансродовите лица всушност се зголемија речиси двојно од 2014 година. Што можете да кажете за овие различни вистини и на кој начин се поврзани или влијаат една врз друга?
Џудит Батлер: Навистина забележавме јасен пораст на медиумското внимание кон трансродовите лица и темите поврзани со нив, но исто така очигледно е и негативното влијание. Веројатно зголемените знаци на прифатеност ги поттикнаа трансфобите па сега постои еден вид на војна меѓу потегот да се прифатат и потегот да се зајакне насилната исклученост или понижување на трансродовите лица. Исто така не треба да се занемари ограничувањето на медиумското внимание. На пример, забележавме дека изборот на првиот црн претседател се совпадна со влошување на економската состојба на црнечкото население, така што медиумското внимание не е доволно силно за да обезбеди конкретна еднаквост. Состојбата на трансродовите обоени лица е покритична како резултат на тоа. Секогаш е можно да се биде предмет на фасцинација на јавноста или визуелна икона на трансродовиот живот кој цисродовите лица (лица чиј род соодветствува со нивниот биолошки пол) сакаат да го консумираат визуелно додека законската и финансиската состојба на трансродовите лица останува лоша или се влошува. Постои долга историја на cross-dressers, drag queens и транс лица во улога на визуелни икони – понекогаш јавноста бара од нив да останат токму на тоа место, на сцена или на филм, „таму“ но не и во нивниот живот. Во „Транспарентност“, виузелната сликовитост на трансродовоста прикажува поранешни заблуди за трансродовите лица како апсурдни и лица кои забавуваат. Лаверн Кокс е сосем поинаква приказна – нема ништо апсурдно во силата и убавината.
Од 23 убиства во 2015 година, само 2 од жртвите биле бели. Повеќето од нив биле сиромашни, дел биле сексуални работнички. Од каде се појавува оваа нееднаквост во расата и класата и каква улога има родот во сето тоа?
Не можам да кажам каква улога имал родот конкретно во секој од случаите, но она што го знаеме е дека тој не е одредена „променлива вредност“ која може да се издвои од проблематиката на класа и раса со кои е испреплетен. Мислам дека родовата анализа не може да се изврши засебно. Кога зборуваме за сиромашни, транс сексуални работнички, тие се изложени на насилство од клиентите, но понекогаш и од полицијата. Во земјите како што се Бразил и Турција не можат да побараат помош од полицијата или од законот без притоа да се изложат на понатамошно насилство. Стапката на насилството врз трансродовите сексуални работнички во Бразил и Аргентина е на неверојатно високо ниво, што е и една од причините зошто општествените движења во овие земји – и здружени активности преземени од феминистите, квир лицата, геј и лезбејките – се толку значајни.
Поголемиот дел убиените трансродови жени не биле постари од 25 години. Дали мислите дека младите почесто се жртви на насилство затоа што за прв пат го изразуваат оној забранет дел од нивниот род, а непријателски настроеното општество всушност го намирисало тоа?
Секако, статистиките се страшни. Не сум сигурна дали младите трансродови жени се заштитени со менторства или дејствуваат самостојно, надвор од какви било мрежи. Ми требаат повеќе податоци за да коментирам на ова прашање. Но секако, младите се привлечни токму заради нивната ранливост. Би било интересно да се дознае дали нивните убијци убиваат затоа што се згрозени од привлечноста што ја чувствуваат кон нив или бидејќи се плашат да бидат поистоветени со оние што самите ги замолкнуваат, па затоа замолкнуваат и дел од себе.
Речиси сите убијци се мажи – само еден од идентификуваните убијци е жена. Зошто поголемиот дел од нив се мажи? Зошто некои мажи се чувствуваат загрозено од трансродовите жени?
Во голема мера зависи од тоа дали зборуваме за геј или стрејт мажи, и за бесот кој го негуваат кон некој кој се изјаснил како трансродовите жени. Убивањето е чин на моќ, начин на повторно наметнување на доминацијата, дури и начин да се каже, „Јас решавам кој ќе живее а кој ќе умре.“ Преку убиството убиецот се наметнува како владетел во моментот кога убива, а тоа е најтоксичната форма на машкоста. Транс жените се откажале од машкоста, а тоа претставува закана за маж кој сопствената моќ ја гледа како составен дел од неговата личност.
Зела Зиона, 21 година, е убиена со истрел во глава кратко време откако засрамила еден млад познаник бидејќи флертувала со него пред неговите пријатели. Мерцедес Вилјамсон била 17 години кога момче кое го познавала брутално ја претепал и ја закопал во дворот зад куќата на татко му.
Да, на тој список може да го додадеме и Лери Кинг кој наводно флертувал со неговиот убиец, иако не можеме да знаеме со сигурност. Веројатно кога трансродова жена флертува со хетеросексуален маж, а тој е понижен или засрамен од тоа (дали е доволно силен последниот збор? подобро да речеме понижен до смрт), тоа е веројатно затоа што го идентификуваат како личност со која е возможен таков флерт, дека всушност тој би можел да биде во врска со трансродова жена или можеби самиот е. Некои хетеросексуални мажи едноставно одговараат со „не, благодарам“, но други посегнуваат по пиштол. На што се должат овие разлики? Претпоставувам дека стрејт маж кој пука во трансродова жена се чувствува „нападнат“ од флертот. Таквото расудување е лудо, но лудилото е присутно во голем степен кога се работи за родовиот идентитет и сексуалноста.
Насилството кое овие жени го претрпеле е екстремно. Биле нападнати со нож, гаѓани со куршуми. Тамара Домингез била убиена од маж кој ја исфрлил од кола. Го прегазил нејзиното тело неколку пати. Што значи екстремното насилство?
Значи дека живееме во општество во кое се случуваат такви грозоморни и ужасни работи, и дека медиумското внимание кон ваквите прашања не е доволно големо. Всушност, јавните медиуми се издвојуваат од овој аспект на трансродовото постоење, иако напротив треба да придонесат да се зголеми свесноста и да ни помогнат да се организира систематски отпор кон таквото насилство. Можеби мажот што ја прегазил транс жената неколку пати не може да ја умртви доволно. Во одреден момент таа е мртва, но тој не завршил со убивањето на тоа тело. Зошто? Затоа што сака да ја избрише секоја трага од неговата поврзаност со таа личност која живее, да избрише дел од себеси и од личноста која живее. Можеби додека се обидува да ја расклопи и избрише во заборав трансродовата жена која не заслужила да умре, тој повторно го гради сопствениот род. Тој исто така сака да изгради свет во кој не постојат такви како неа.
Во голем дел од случаите, полицијата јасно изјави дека при истрагата убиствата нема да се водат како злосторства од омраза. Изминатата есен бев во Филаделфија за да го истражам убиството на Киша Џенкинс; Киша била убиена на 22 години од група мажи во област позната по сексуалната работа на трансродовите лица. Полицијата веднаш изјави дека се работи за грабеж, а не злосторство од омраза, но во текот на моето истражување таа недела слушнав сведоштва од други сиромашни, трансродови сексуални работнички од црната раса кои работат во истата област. Една жена ми кажа дека Педро Рединг, човекот обвинет за убиството на Киша, исто така бил нејзин клиент. Дали е возможно да се издвојат овие убиства од контекстот на животот на жртвите како трансродови обоени жени?
Не е возможно таквите убиства да се издвојат од тој контекст. Во таа смисла полицијата е дел од проблемот со самото тоа што одбиваат да го именуваат кривичното дело и да поведат истрага. Истото се случи и во случајот со Лари Кинг во јужна Калифорнија. Во таквите судски процеси – како што покажа (психоаналитичарот кој ја истражува машкоста) Кен Корбет и (квир и транс теоретичарката) Гејл Саламон – убиецот може да се идентификува и како жртва, „нападнат“ од шега или флерт. Во случајот со клиентот-убиец, мора да се запрашаме дали желбата и омразата се измешале на некој токсичен начин. Животот на трансродовите обоени жени не се стекнува со истата вредност како оној на белите цисродови жени, тоа е вистина. Но потребно ни е анти-расистичко, анти-трансфобично движење кое црпи од феминизмот на обоените жени и нивната остра критика за расизмот и полициската моќ.
Според законите за злосторства од омраза одредено криминално дело станува дел од поширок тренд на насилство поттикнато од омраза против групи на луѓе кои имаат (воочени) заеднички карактеристики. Доколку едно лице е жртва на злосторство од омраза, и другите од групата го споделуваат тој ризик. Дали се согласувате со таа дефиниција? Дали мислите дека законите за злосторства од омраза се значајни?
Мислам дека законите за злосторства од омраза се значајни. За да функционираат мора да постои доказ дека функционираат во судовите, меѓутоа познато е дека некои судии и пороти не го признаваат доказниот материјал којшто им е во раце. Покрај судските аргументи и доказниот материјал, мора исто така да се промени и начинот на кој луѓето слушаат и гледаат. Визуелното и аудио полето се структурирани така што одредени кривични дела никогаш не се препознаваат како такви – многу поретко како злосторства од омраза кон малцинствата. Посоченото е многу значајно за групниот дух на злосторствата од омраза. Убиството на една трансродова жена значи дека и другите трансродови жени можат да бидат убиени. Истото се случува и со малтретирањето, силувањето или убиствата на буч лезбејките или транс мажите – проблем на кој посочуваат многу групи во Јужна Африка. При секое убиство на транс лице се испраќа порака: не си безбеден; ова мртво тело може да биде твоето. Така убиството функционира како насилно кривично дело и како закана дека повторно ќе се случи. Затоа доколку кривичното дело не се именува како злосторство од омраза, или кога кривичното дело не се истражува затоа што убиецот бил на некој начин „поттикнат“, полицијата ја испраќа пораката на убиецот до јавноста.
Се чини дека движењето за граѓански права во 20-тиот век се наоѓа во криза во 21-от век. Се бориме за телесната анатомија на жените, движењето Black Lives Matter е силно, а правата на трансродовите лица имаат водечка улога по декади на релативен недостаток на видливост. Зошто овие движења повторно се во пораст според Вашето мислење?
Затоа што луѓето се лути и забележуваат дека класните разлики се повеќе се истакнуваат, нивните хоризонти се затвораат, не постои заштита од полицијата (полицијата ниту ги заштитува, ниту пак се заштитени од полициско насилство). На луѓето им е јасно дека водечките сили го попречуваат остварувањето на еднаквоста и достоинството, без разлика дали се работи за нападот на десницата врз Planned Parenthood Federation of America (PPFA), убиствата на невооружени црни мажи и жени на улиците од страна на полицајци кои потоа се ослободуваат од одговорност, или радикалниот недостиг на публицитет кога се работи за убиствата на трансродови лица; нивната смрт не поминува незабележана, нивниот живот не е нетагуван. Сите тие животи се значајни и заслужуваат да процветаат, да уживаат во слободата и да имаат право на еднаквост пред законот; заслужуваат правен систем во кој еднаквоста и слободата се всушност применливи. Сметам дека се забележува појавата на луѓе кои се свесни дека нивниот живот е несигурен во современите работни услови и кои сфаќаат дека основните права се радикално поткопани од зајакнувањето на милитизираната полициска сила и неолибералната држава која му дава закрила на потрошувањето, а не на сопствениот народ.
Трансродовото движење опфаќа и други прашања освен промената на полот; ги предизвикува темелите на општествениот идентитет и структурите на моќ во нашиот свет. Дали за вас да се биде трансродов во крајна мера значи сосема да се прифатат природните човечки разлики?
Мислам дека на ова прашање треба да одговорат трансродовите лица. Понекогаш мислам дека веројатно сум трансродова, но тоа не е доволно. Тие што се идентификуваат со оваа категорија и јавно ја изразуваат се тие што најдобро знаат на кој начин истата е поврзана со општествениот идентитет. Мислам дека родот е многу комплексен, за одредени лица повлекува прилично постојан идентитет, но и смисла за слобода, желба и врска со јавната и приватната сфера. Според мене е составен дел од нас како општествени суштества, и нашето општествено постоење не може да се смисли без притоа да се прибегне кон родовите конвенции и норми на некој начин.
Како можеме како општество да ги заштитиме трансродовите лица кои се во опасност со цел да се спречи ова екстремно насилство?
Веројатно прашањето е, како можеме заедно да придонесеме општеството да ја надмине сопствената трансфобија? Според мене сите треба да учествуваме во движењето кое настојува да изгради подобар свет за трансродовите лица, без разлика на нашиот идентитет. Заштитата против насилството е значајна, но потпирањето врз полицијата не е паметно. Можеби е потребна друг вид на моќ, моќта на самоопределување со цел движењето против трансфобијата да се поврзе со борбата против расизмот и сиромаштијата, против хомофобијата и мизогинијата, и против радикалните економски нееднаквости. Ударот врз трансфобијата е и мора да биде во центарот на сите овие борби.
Извор: coalition.org.mk
превод од англиски: Јулија Мицова