Денес, на 21.11.2014 година, во Тирана, Албанија беше свечено отворена регионалната Конференција за земјите од Западен Балкан и Турција. Конференцијата ќе биде посветена на фундаменталните права, недискриминацијата и заштитата на ранливите групи, со посебен акцент на ЛГБТИ луѓето. Конференцијата е организирана од Европскиот Праламент, Европската Комисија и италијанското Претседателство на Советот на ЕУ.
Претседателот на Парламентот на Албанија, Илир Мета и ВицеПремиерот на Албанија, Нико Пелеши го отворија настанот, а по нив говореше и Заменик Претседателот на ЕУ Парламентот, Улрике Луначек. Покрај Пратеници од државите од Западен Балкан и Турција, на Конференцијата присуствуваат и претставници на НВО секторот и претставници на телата за еднаквост на овие држави. За жал, на овој настан, Република Македонија ја преставуваат само претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Душко Миновски, програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски и Претседателот на ЛГБТ Јунајтед, Беким Асани. Ниту еден од пратениците на Парламентот на Република Македонија не го следеше примерот на своите колеги од сите други поканети држави и како резултат на тоа, Македонија е единствената држава која нема свој парламетарен претставник на овој значаен регионален настан.
Во своето воведно излагање, претседателот на Парламентот на Албанија, господинот Илир Мета рече дека иако тие како држава имаат уште голем пат пред себе, сепак имаат и значајни успеси зад себе, потенцирајќи го процесот на хармонизација на националната правна рамка на Албанија со правната рамка на ЕУ во оваа област. Вице-премиерот на Албанија, г-н Нико Пелеши, како мошне значаен чекор го спомна формирањето на координативното тело помеѓу претставници на Владата, државните институции и НВО секторот на Албанија, чија задача е подобрување на правниот и социјалниот статус на ЛГБТИ луѓето во Албанија.
Потсетуваме дека ова година за прв пат во својот Извештај за напредок на РМ, Европската Комисија го помести прашањето на дискриминацијата врз ЛГБТИ луѓето во своите политички критериуми за членство, а не само во делот каде известува за состојбата со фундаменталните права и недискриминацијата. Останува отворено прашањето: до кога ќе недостасува политичка волја и ќе се игнорираат правата и слободите на припадниците на ранливите групи (земајќи го предвид, исто така, изложувањето на насилство на овие групи), односно до кога истите нема да бидат заштитени и гарантирани подеднакво како и за другите граѓани?
Тимот на ЛГБТИ Центарот за поддршка ја контактираше италијанската амбасада во Албанија и од таму добивме одговор дека поканата била адресирана до амбасадорот на Република Македонија, Стојан Карајанов во Албанија. Понатаму, тимот ги контактираше и институциите на Европската Унија околу информација за тоа дали биле испратени покани за присуствот на конференцијата до македонските пратеници.