Со големо жалење, поддржувачите и припадниците на ЛГБТИ заедницата, ја примивме веста за „заминувањето“ на нашата драга Лора Фер.
Придонесот на ова сјајна личност, допрва ќе се брои во борбата за еднаквост и право на избор на свој начин на живот, односно потрага по добриот начин на живот. Дополнително, субверзивните и субкултурните архиви на македонското општество, ќе го паметат името на Лора.
Нејзините пријатели и колеги од ХОПС, по повод на ова тажна вест, напишаа: „Лора Фер – активистка, жена, борец, инспирација. Толку многу можеме да кажеме за тебе (или можеби , премалку зборови за сета големина што беше). Твојата енергија и љубов беше мотивација за сите нас. Твојата храброст, посветеност и гласност во борбата за правата на сексуалните работници/чки, геј и трансродни лица, за сите различни, отфрлени, непризнаени остави печат и пример засекогаш. Со тебе започнавме многу заеднички борби : Првиот Марш на црвените чадори, првите јавни проговорувања за реалноста на сексуалните работници/чки, првите чекори и придвижувања на заедницата кон самоорганизирање и поддршка. С? што работеше беше со посебна посвета и енергија. Се даваше себе си. Беше и ќе останеш инспирација. Беше и остана своја. Почивај во мир Лора.“
Лора Фер, последните години ги помина во Канада, каде што се беше преселила и го водеше својот живот, послободно отколку во Македонија. Но неодмна, не’ посети и ги сподели своите искуства јавно, но и интимно. Имено, за време на краткиот престој во Македонија, таа имаше интервју за НОВА ТВ, со Билјана Секуловска, каде зборуваше за тоа колку „во Македонија се неподносливи условите за живееење ако си различен“. Дополнително, во ова интервју за НОВА ТВ, таа говореше и за почитта и култивираноста кои се секојдневие во Канада, каде што живее, за разлика од Македонија од кадешто морала да се отсели поради примитивизмот и грубиот однос со кој се соочувала.
Лаура Фер почнува да станува позната и карактеристична за квир сцената во Македонија, по настапот на квир фестивалот „Queer Square Skopje“. Заедно со програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски, за едно од изданијата на тој фестивал, подготвиле нејзин перформанс.
Од „СТАР-СТАР“, исто така се збогуваа со Лаура Фер, потенцирајќи го нејзиниот придонес во активистичките кругови, за подобрување на општествените позиции на ЛГБТИ луѓето: „Пак ли си замина?! Ама сега за секогаш… навистина не си фер!Драга, се започна со тебе! Не охрабри, ни даде визија и кога знаеше дека можеме сами си замина. Тогаш замина за да леташ во животот, да леташ низ светов, да бидеш некаде пак главна!! Недостасуваше неизмерно, те имаше, па те немаше, ама секогаш во вистинско време и секогаш со причина, секогаш за да не потсетиш за вистинскиот активизам, за вистинската борба! Беше ли свесна колкава инспирација беше ти за нашата заедница? Знаеше ли дека нема никој да те замени? Ти за нас беше сето она што сакаме да го имаме и сето она што нас секогаш не прави горди. Сега секоја помисла на тебе неподносливо боли. СТАР е твоето бебе, а ти за СТАР си неговата ѕвезда. Сакаме да знаеш дека ќе се грижиме за сите наши сестри, и нема да го заборавиме твојот силен активизам! Ќе се бориме силно за се она што ти не стигна да се избориш. Ветуваме! Лепотице што да ти кажеме, остана толку многу недокажано – сигурно ни се смешкаш сега некаде од горе! Чао Лора!“
При својот последен престој во Македонија, Лаура Фер повторно имаше свој перформанс, изведен според песната Corporate Cannibal на Грејс Џонс, во просториите на ЛГБТИ Центарот за поддршка.
Славчо Димитров, го одбележа нејзиното заминување, со следниот напис: За да ја оплакувам. Затоа што е живот кој неизречиво многу вреди. Затоа што во трулежот на мацоистичката и хетерофашистичката паланка, беше живот болно обезвреднуван. За да фрлан глитери врз трагите на нејзините трауми, за нејзиниот пркос!
Искра Гешоска, потсетувајќи се на „вдомувањето“ на Лаура Фер во „Точка“, напиша: Лаура Фер – храброста да се пркоси и да се плива елегантно наспроти брановите… Храброста да се одлучи кога е доволно и кога треба да се отплива неповратно кон хоризонтот… Почестени сме што ? бевме домаќини во Точка… Таквите луѓе ? даваа идентитет и сила на нашата неретка бездушност…
Описот на настанот, со кој се најави перформансот на Лора Фер во ЛГБТИ Центарот за поддршка, гласеше вака:
„После 10 години, повторувањето на перформанс на Laura Feer во десет-годишно-регресираната-Македонија, претставува општ и интимен предизвик. Општ е предизвикот кон наметнатиот морал, преку патријархалниот начин на владеење, а интимен е предизвикот кон нашата отуѓеност, преку наметнатите правила на однесување.
И покрај календарската блискост на овој перформанс со оној датум на општа еуфорија и славење на љубовта – Св. Валентин, потребно е повторно да ја повториме слоевитоста на љубовта, која не може да биде врамена само во моралната рамка на патријархалното општество. Љубовта е болна, луда, инаква, еротска, пак луда, со потенцијал да промени, со можност да соочи, со пресврт кон corporate canibalist, и уште многу и уште се’ е љубовта.
И на линија на обид да се покаже слоевитоста на љубовта, претекнувајќи го Св. Валентин, ЛГБТИ Центарот за поддршка ќе ја вдоми, за кратко, енергијата на Laura Feer. Ќе ја отвори кон споделување таквата енергија, а потоа ќе биде дозволено да ја зачуваме, за да се сеќаваме кога ќе ги живееме наредните 10 или 100 години на прогрес или регрес, сеедно!“
Лора Фер, за нас и за сите, пријатели и противници, ќе остане како потсетник, како материјалност на таа слоевитост на љубовта – од себе кон светот, од себе кон себе, од светот кон вечноста!