На 17 септември 2014 година (среда), во ГЕМ Клуб, Менада, во Старата чаршија, Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија ја организираше јавната расправа по Нацрт-амандманите на Уставот на РМ, насловена „НАМЕТНАТ УСТАВ“.
Расправата ќе опфати три теми на дискусија кои ќе ги опфатат предложените Нацрт- амандмани. Темите на кои ќе се расправа се:
Тема 1: СУДСКИ СИСТЕМ И УСТАВНАТА ЖАЛБА – ЕФИКАСЕН МЕХАНИЗАМ ЗА ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ИЛИ ДОПОЛНИТЕЛНО УСПОРУВАЊЕ НА ПАТОТ ДО ПРАВДАТА?
Тема 2: УСТАВОТ И ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ – ЗОШТО ВЛАДАТА ПОСЕГНА ПО УСТАВНО БЕТОНИРАЊЕ НА ДОЛГОВИТЕ И ИСЦРТУВАЊЕ НА СЛОБОДНА ФИНАНСИСКА ТЕРИТОРИЈА?
Тема 3: НЕ ВО МОЕ ИМЕ! – раправа по Нацрт-амандманот XXXIII.
Третата тема ја модерираше извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, која дискусијата ја отвори со целосно читање на предложениот Нацрт-амандман, при што ги изнесе и основните аргументи наведени во образложението кон амандманот, со кои Владата на РМ ја оправдува потребата од едно вакво уставно решение. Таа наведе дека вака формулираниот брак и изнесена аргументација нужно отворат две дилеми: Ако интенцијата на овој Нацрт-амандман е да го заштити бркаот, зошто тогаш истовремено, ја штити и вонбрачната заедница? И Зошто предлагачот воопшто се повикува на религиски вредности, имајќи ја во предвид секуларноста на државата?
Ирена Цветковиќ од Колалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализраните групи, направи пресек на тенденциите во случувањата кои му предходеа на овој предлог. Таа рече дека Нацрт-амандманот треба да се гледа во контекст на последниот дел од серијата удари ‘во самоодбрана’ против ЛГБТИ луѓето и дека таквиот говор на омраза, нужно предизвикува и насилство кое трае долг период потоа, а доказ за тоа е фактот дека активистите кои се бават со човековите права на ЛГБТИ луѓето долг перод живееа и работеа под директен ризик од физичко насилство.
Програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски, истакна дека ова резултат на континуиран напад врз нашето општество и Уставот, при што се форсира вредносен систем на традиција и религија, што е спротивно на принципот на секуларноста, а со тоа Устав. Прикажувајќи ги искуствата во регионот, каде Македонија ќе биде единствената земја која со својот Устав ќе ја има регулирано и регистрираната вонбрачна заедница, тој го посочи примерот на Албанија како држава од соседството со најпрогресивна логика на уставните решенија. Понатаму, тој ја презентираше релевантната меѓународна практика на Европскиот суд за човекови права, Венецијанската комисија и Советот на Европа, каде јасно е направена разликата помеѓу поимите ‘брак’ и ‘семеен живот’ и истакна дека иако државата е целосно слободна во дефинирањето на бракот, тоа не е случајот и со регулирањето и ограничувањето на семејниот живот. Имено, меѓународната практика покажува дека заедницата од двајца партнери од ист пол кои живеат во стабилно кохабитирачко партнерство претставува семеен живот и дека правата кои по тој основ ги доделува државата не смеат да бидат дискримирачки по основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
Славчо Димитров од Колалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализраните групи кажа дека перверзијата на дефинирањето на тоа кои сме и што сме оди рака под рака со хетеронормативното лудило и дека со ова Владата на РМ конечно ги симнала маслките и ги отворила картите за своите вистински ставови по ова прашање. Тој продолжи дека демократијата во себе подразбира отвореност кон идните реални потреби на заедницата. Овој став на затвореност, бидејќи спречува и идни промени, во својата суштина е недемократски и дека воопшто не е важно дали овој Нацрт-амандман можеби се користи како алатка за одвлекување на вниманието на јавноста од посуштински прашања, туку дека последиците од ваквиот пристап веќе се чуствуваат кај ЛГБТИ заедницата и целото општество.
Уранија Пировска заклучи дека единственото нешто што всушност се штити со овој Нацрт-амандман не е бракот, туку хетеросексуалната природа на сите односи во и надвор од него и го постави прашањето дали граѓанскиот сектор и активистите треба да појдат чекор напред и конкретно да побараат вонбрачното партнерство да може да биде и помеѓу лица од ист пол?
Одговарјќи на прашање од присутните дали со овој чекор може да се негира, или избрише постоењето на ЛГБТИ заедницата во РМ, Кочо Андоновски потенцираше дека напротив, со овој чекор само се потврдува постоењето на ЛГБТИ луѓето, бидејќи во спротивно, од што би се штитела хетеронормативната природа на бракот и вонбрачната заедница? Ирена Цветковиќ пак, кажа дека целта не е негирање на заедницата туку нејзино целосно бришење, потенцирајќи дека на предлагачот Нацрт-амандманот не му сметаат ЛГБТИ индивидуи, туку политички артикулирана заедница.
Видеото од целата расправа можете да го погледнете овде.