Минатата година, во март, организацијата „Лабрис“ од Белград поднесе тужба до сегашниот министер за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, кој во својство на министер за внатрешни работи, непосредно пред одржувањето на Поворката на гордоста во Белград, рече дека според него ниту е нормално ниту е природно да се биде хомосексуалец.
Извинувањето беше упатено за време на состанок помеѓу Дачиќ и претставници на „Лабрис“, каде што Дачиќ истакна „Жалам што мојата изјава звучела како навреда на ЛГБТ популацијата, немав намера никого да навредам, ниту пак да повикувам на насилство, напротив, мојот корпус е заштита на човековите права.“
И покрај тоа што ова средба беше одложувана – како што вели Дачиќ заради големиот обем на обврски, сепак истата беше оценета како соодветен начин за решавање на спорните ситуации помеѓу извршната власт и граѓанското општество, а според претставничката на „Лабрис“ Јованка Тодоровиќ средбата, како и гестот на извинување од страна на Дачиќ се значајни за поширокото општество.
Тодоровиќ истакна дека „Лабрис“ постои веќе 20 години и „ова е прв пат да се сретнеме со некој што извршил дискриминација. Верувам дека денес добивме еден добар партнер, како и ние, така и вие“ заврши Тодоровиќ обраќајќи му се на Дачиќ.
По завршувањето на средбата, претставнички на „Лабрис“ му поклонија и читанка во која од А до Ш се опфаќаат правата на геј и лезбејската популација.
Невена Петрушевиќ која работи во државното тела за заштита на рамноправноста, исто така, го изрази задоволството од ова средба и одржаниот состанок, ценејќи дека тоа е заеднички почеток во промоцијата на почитувањето на човековите права.
На линија на изјавата на Дачиќ пред одржувањето на Поворката на гордоста, Петрушевиќ смета дека:
„Изнесувањето на таков став од страна на Ивица Дачиќ, кој беше премиер и министер за внатрешни работи во 2014 година, околу тоа дека хомосексуалноста не е природна и не е нормална, самото по себе значи акт на дискриминација, со обзирд на тоа дека претставува неприфатливо етикетирање и навреда на достоинството на овие луѓе, создавајќи однос на понижување и навредувачко опкружување. Посебна одговорност и тежина има тоа што изјавата е изнесена од државен функционер чија уставна и законска должност е да ја почитува забраната на дискриминација и рамноправноста на сите граѓани и граѓанки …“
Петрушевиќ, исто така, смета дека ставовите за тоа дека хомосексуалноста не е нормална, придонесува кон одржување на стереотипите и предрасудите, како и стигматизација и нетолеранција кон луѓето со хомосексуална ориентација. И тоа е посебно загрижувачки, земајќи ја во предвид негативната општествена перцепција за хомосексуалците и високото ниво на хомофобија. Затоа, носителите на власта, како и сите други авторитети кои влијаат на јавното мислење, треба да бидат свесни за одговорноста за јавно искажаните ставови.
Извор: www.b92.net