Во продолжение пренесуваме дел од разговорот со Емир, кој има сестра лезбејка, со цел да укажеме на значајноста од поддршката на најблиските во случаи кога наспроти општествените норми, сексуалноста не‘ прави ,,различни‘‘ од останатите.
Сараевскиот отворен центар и Фондацијата Медијацентар Сараево, со поддршка од делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, направи интервјуа со неколку семејства каде што некој од членовите има различна сексуална ориентација. Досегашните искуства од овој проект укажуваат сигурно на една работа: жените се неспоредбено пофлексибилни отоколку мажите во однос на ЛГБТ луѓето. Од пет луѓе со кои се воделе разговорите во врска со нивните блиски кои имаат различна сексуална ориентација, членови на семејства, четири од нив се жени.
Само едно машко лице, од целото истражување, прифатило да зборува за својата сестра која е лезбејка. Емир е менаџер, има 46 години, работи во голема фирма и нема никакви проблеми со сексуалната ориентација на својата сестра. ,,Не само што немам проблем, туку тоа го прифатив како најнормална работа во животот. Она што не е нормално во целата оваа приказна, е што малцинството има таков став. И денес, луѓето во 21 век, имаат потреба да се интересираат за тоа што не е нивна работа – приватниот живот и сексуалноста на други луѓе‘‘.
Сестрата на Емир има 38 години, се‘ уште живее со нејзиниот татко, и има различни работни места: шест месеци како програмерка работи во Босна и Херцеговина, а шест месеци во странство. Уште од најраното детство има целосна поддршка од нејзиниот брат. На прашањето – како дознал дека неговата сестра е лезбејка, Емир одговара: ,,Беше одамна и не се сеќавам добро на сите детали. Генерално, знам дека тоа беше во еден отворен муабет со татко ми. Ми беше необично и чудно што го слушам тоа, а истовремено, некои коцки се поклопија во тој момент, некои детали конечно се поврзаа во логична целина. Секако, тоа ниту за секунда не го промени мојот однос кон сестра ми, туку се промени перцепцијата за нејзиниот живот, но заштита што ја имала од моја страна и понатаму не се промени.‘‘
Кога знаете нечија тајна, станувате соучесник и активен, свесен заштитник на личноста на која и‘ е потребна поддршка повеќе од било кога. Дали Емир зборува за својата сестра со неговите пријатели? Најкраткиот одговор би бил – кога како и зависно од тоа со кого: ,,За тоа разговарам само со некои луѓе кои можат да ја разберат различноста, со оние кои и мене и сестра ми не‘ ценат, сакаат и прифаќаат. Тоа се сведува на релативно мал број на луѓе, пет до десет, вклучувајќи и некои роднини.‘‘
Сите наши соговорници досега покажуваат целосно разбирање за членовите на семејството, за кои во еден момент дознале дека не ја делат општо-прифатената и доминантна хетеросексуална ориентација. Но не само што покажуваат разбирање, туку истовреме длабоко се грижат за нивниот статус, внимаваат на нивната сигурност и се обидуваат да ги интегрираат, на различни начини, во секојдневното опкружување. Затоа што тоа опкружување често покажува неразбирање, страв, агресија и одбивност, наместо да се демонстрира прифаќање на се‘ друго што не се поврзува со утврдените и многу често длабоко конзервативни норми. Затоа на Емир му се поставува и незаобиколното прашање во оваа серија на разговори – Кој е неговиот најголем страв, кога размислува за сестра му? Но повторно, и овде се случи неочекувано, но веројатно за многу луѓе кои се наоѓаат во ова ситуација, охрабрувачки одговор: ,,Немам таков страв‘‘. Само толку, два соголени збора кои испраќаат порака до сите – дека не е толку страшно да се спротивставиш на опкружувањето кое е полно со неразбирање.
Следното прашање упатено до Емир, беше дали тој може да се сети на најтешката ситуација во животот на сестра му. ,,Претпоставувам дека и‘ било најтешко во тинејџерските години, кога личноста се‘ уште нема целосно спознание за ситуациите, а истовремно цени дека е друга и различна од останатите и не се вклопува во општествените норми‘‘ – зборува соговорникот и продолжува: ,,Овде, основното прашање е – зошто општеството мора да биде толку сурово и непријателски расположено кон луѓето кои не ги делат усвоените ставови и определби? Заради недостатокот на емотивна интелегенција. Масите одсекогаш го осудувале и уништувале другото, односно се‘ она што не може да се разбере и тоа нема да се промени лесно. Човекот и понатаму истото животно што било и векови наназад, само благо софистициран и замотан во малку повеќе слоеви. Бројни елементи на социјалната психологија тоа го потврдуваат. Нашето поднебје ја има и таа дополнителна карактеристика, покрај дозата агресивност, исто така да успее да не простува и дотолку што – кога личностите се квалитетни, кога се професионални во тоа што го работат – толку повеќе ќе им пречат на останатите. Исто така, површното толкување на верата, на овие простори, придонесе кон тоа дополнително да се зголеми примитивизмот и затупеноста, и така денес според мнозинството и доминантниот менталитет, како општество сме поблизу до средниот век, отколку до Европската Унија.
Едно од прашањата во ова серија разговори се однесуваше и на порака која би се испратила до луѓето кои имаат член во семејството кој припаѓа на ЛГБТ заедницата. ,,Мислам дека ставот кој го образложив е соодветна препорака и до другите семејства. Мојата сестра, пред се‘ е моја сестра, личноста која ме сака најмногу на овој свет, и која што јас исто толку ја сакам. ЛГБТ во тој контекст не менува ништо. Напротив, би можел да кажам, сознанието дека мојата сестра е припадник на ЛГБТ заедницата направи да бидам за неа уште поголема поддршка во животот. Ако не сакате или не можете да им помогнете на луѓето, тогаш не им одмагајте.‘‘
Извор: pflagsrbija.org.rs