Лидерите на ЛГБТ движењето се сретнаа со министерот Вељиај: За вас вратата тука е секогаш отворена, изјави тој
Новиот албански Министер за социјална заштита и млади, г-н. Ерион Вељиај и неговите блиски соработници разговараа со ЛГБТ активистите за можностите за унапредување на правата на оваа заедница.
За време на средбата која помина во пријателско расположение и разбирање, тие ја разгледуваа можноста за вклучување во програмата за професионална обука на членовите од ЛГБТ заедницата во Министерството.
Министерот беше заинтересиран за идејата за отворање на првиот државен шелтер (засолниште) за ЛГБТ луѓето кои имаат проблеми со безбедноста во рамките на своите семејства, особено во нивната фаза на каминг-аут.
Министерот го поздрави предлогот без воздржаност и изјави дека има волја да го трансформира засолништето не само во место за привремен престој, туку и во место каде заедницата би можела да добива обуки и помош за наоѓање нови работни места.
„Сакаме да работиме заедно за да го најдеме најдобриот начин да ја заштитиме вашата заедница. Вратата на ова министерство е секогаш отворена за вас“ – изјави министерот Вељиај, чија политичка кариера започна во 2003 кога ја започна граѓанската иницијатива MJAFT! („Доста!“), која прерасна во политичко движење чија цел беше прекин на апатијата на младите и поттик да протестираат за нивните права.
Активистите Карај и Пиндери изјавија дека ЛГБТ заедницата треба да биде претставувана од специфична и многу поефективна структура во министерството, а не да биде мал дел во рамките на поголем оддел, како што беше во претходната (десничарска) влада.
Г-н Вељиај изрази заинтересираност за разгледување на оваа идеја, и дури рече и дека тој би сакал ЛГБТ заедницата самата да се претставува во министерството, и таквата структура да биде предводена од нив.
Исто така беше дискутирано за тоа каде треба промени во законодавствтото, особено Законот за семејство, со цел за првпат во Албанија да бидат вклучени регистрираните партнерства. Вељиај беше заинтересиран да направи политички притисок за овие промени, имајќи предвид дека ова е дел од програмата на Социјалистичката партија, мнозинската партија која ја формираше новата албанска влада.
Министерот исто така ги поттикна активистите да подготват обука за ЛГБТ прашања за вработените во неговото министерство.
Албанската влада бара почит кон ЛГБТ заедницата со Етички кодекс
Алијансата против дискриминација и ПроЛГБТ ја поздравија одлуката на владата во Етичкиот кодекс да го вклучи принципот на недискриминација.
Според овој принцип, содржан во ставот 3 од овој Кодекс, „Членот на Советот на министри, за време на вршењето на должноста, со своите дејства нема да фаворизира, ниту дискриминира одреден субјект врз основа на пол, раса, боја на кожа, етничка припадност, јазик, родов идентитет, сексуална ориентација, политички, религиозни и филозофски убедувања, економски, образовен или социјален статус, бременост, припадност кон родител, родителска одговорност, возраст, семејни или брачни услови, брачен статус, место на живеење, здравствена состојба, генетски предиспозиции, посебни потреби, припадност на одредена група или која било друга причина“.
Двете гореспоменати ЛГБТ организации, во соопштение за медиумите изјавија дека „вклучувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како можни основи за дискриминација претставува историски чекор на албанската влада“.
Од друга страна, вклучувањето на терминот „сексуална ориентација“ заедно со терминот „родов идентитет“ е новост на европско и светско ниво.