Платформата за ХИВ го упатува последниот повик за акција и минимум лидерство за да се спречи затворање на сите програми за ХИВ и епидимија на ХИВ во државата.
Денес, на 1 Декември 2016 година, го одбележуваме Светскиот ден на СИДА. На овој ден се солидаризираме со 78 милиони луѓе коишто се инфицирани со ХИВ и се сеќаваме на 35 милиони луѓе коишто починаа од болести поврзани со СИДА од појавата на првите случаи на ХИВ до денес. Во 2015 година, светот се обврза целосно да и стави крај на епидемијата на СИДА до 2030, како дел од агендата на Целите за одржлив развој. Целосна контрола на ХИВ-инфекцијата ќе биде возможна доколку сите влади во светот заедно и посветено дадените заложби ги претворат во конкретни политики, акции и мерки со коишто ќе им ги овозможат на своите граѓани пристап до докажани интервенции за превенција, третман и грижа за ХИВ.
За Република Македонија, ова е последниот 1 Декември, во којшто земјата добива меѓународна поддршка за да ги спроведува интервенциите од Националната програма за ХИВ. Имено, поддршката на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија којшто инвестира во националните стратегии од 2004 година завршува најдоцна до јули 2017 година. Благодарение на оваа поддршка, Македонија успеа да ја одржи контролата за ХИВ помеѓу групите од особен ризик од ХИВ, а со тоа индиректно помеѓу општата популација и остана земја со ниска стапка за ХИВ.
Наместо за следната година да се планира зголемување на домашното финансирање за да се надополнат финансиите кои досега ги добивавме со меѓународна поддршка, и спротивно на сите заложби дадени на највисоко ниво, буџетот за програмата за ХИВ за 2017 година беше скратен за 59% во однос на потребното ниво на финансирање од домашниот буџет (од потребните 65 милиони на 27 милиони денари).
Ние, граѓанските организации кои спроведуваат активности за превенција и рано откривање на ХИВ помеѓу групите изложени на најголем ризик во Република Македонија, уште еднаш потсетуваме дека со скратениот буџет:
- Македонија се оддалечува од глобалните заложби за стопирање на епидемијата, а кои има обврска целосно да ги исполни и со тоа нема да биде во можност да ја одржи ниската стапка за ХИВ во иднина;
- Ќе пропаднат дванаесет годишните инвестиции и ќе се затворат сите теренски и стационарни сервиси за ХИВ за групите под најголем ризик од ХИВ, кои функционираат во повеќе од 14 градови ширум;
- Најмалку 15.000 припадници на ранливи категории на граѓани, како и нивните семејства, ќе останат без пристап до основните животоспасувачки услуги за превенција и за рано откривање на ХИВ;
- Земјата ќе се соочи со пораст на нови нови случаи на ХИВ и смртни инфекции за ХИВ, за кои постојат докази дека може да се спречат. Имено, анализата на Министерството за здравство и Светската банка покажа дека доколку се одржи досегашното ниво на финансирање и оптимално се распределат средствата со фокус на групите изложени најголем ризик, ќе се спречат повеќе од 860 нови инфекции и избегнат 290 смртни случаи повзрани со ХИВ до 2030 година.
Затоа денес, на 1 Декември 2016 година, ги повикуваме оние кои носат одлуки за граѓаните и во име на граѓаните, да ги стават заштитата на здравјето и животот на граѓаните како врвен приоритет и бараме:
- Ургентно да направи корекција на буџетот за ХИВ за 2017 година, во согласност со проценките направени од експертите анажирани од Министерството за здравство, за годишно финансирање на терапијата за ХИВ и шестмесечно финансирање на програмите за превенција и грижа од ХИВ за 2017 година;
- Да се изнајде ургентен механизам за финансирање на програмите за групите под особен ризик за ХИВ за периодот јули – декември 2017 година, за да се избегне ризикот од прекин на програмите за ХИВ по повлекувањето на меѓународната поддршка;
- Да се обезбедат финансиски средства од националниот буџет, врз основа на докази и методолошки прецизни проценки и анализи, со којшто на долг рок ќе се осигура одржливоста на превентивни програмите за превенција и поддршка од ХИВ за групите под особен ризик од ХИВ
Денес, на 1 Декември 2016 го упатуваме и последниот повик за акција и минимум лидерство за да се спречи затворање на сите програми за ХИВ, 12-годишен регрес и сценарио на епидимија на ХИВ во државата.
Извор: hops.org.mk