Во текот на предизборната кампања, веќе избраната претседателка на Република Хрватска – Колинда Грабар Китаровиќ, на прашањата поврзани со првите впечатоци за и околу регистрирањето на истополовите парови, го изнесе ставот дека таа ги перцепира хомосексуалците како пријатели и соседи. Грабар Китаровиќ, при таква прилика, истакна дека пооделното посочување на нечија сексуалност може да биде лошо, ако се земе предвид дека на тој начин хомосексуалците може да бидат одбележувани. „Тие се граѓани, а единственото малцинство кое го признавам е човекот како поединец, човекот кој ќе биде во средиштетот на мојата програма“ изјавува Грабар Китаровиќ. Во таа смисла, сегашната претседателка на Хрватска цени дека никој не треба да биде манипулиран за политички цели, односно потребна е концентрираност на решавање на егзистенцијалните прашања во Хрватска, затоа што според неа – Хрватска се наоѓа на дното на Евроската унија, и покрај големите потенцијали, така што потребна е промена бидејќи „така веќе не може“.
Хрватскиот портал Crol, направи кратка ретроспектива за ставовите на кандидатката Колинда Грабар Китаровиќ, за време на предизборната кампања и во истата се опфатени следните ставови:
1. Во врска со нивото на правата на ЛГБТ луѓето во Хрватска, Грабар Китаровиќ цени дека тоа ниво има високо цивилизациско достигнување, земајќи предвид дека е понапредно ниво од она на некои држави-членки на Европската унија.
2. На прашањето дали Грабар Китаровиќ ги поддржува истополовите бракови, таа мисли дека Законот за животни партнерства е доволно добро решение и дека постоечкиот закон нема да биде менуван.
3. Грабар Китаровиќ, од аспект на дозволувањето на посвојување деца од страна на истополови партнери, цени дека законодавството ги штити правата на децата, а не правото на родителството.
4. Очигледен беше „дипломатскиот речник“ на Грабар Китаровиќ и во врска со медицинското оплодување на лезбејките и жените без партнерите, за што вели дека ги почитува постоечките закони како и досегнувањата на модерната медицина. Додека во врска со сурогат-мајките, Грабар Китаровиќ вели дека тоа би било дел од сферата на бизнис со човековите права.
5. Конечно, на прашањето за нејзино присуство на некоја Поворка на гордост во Хрватска или странство, Грабар Китаровиќ вели дека никогаш не учествувала на Поворка за било какви права, туку дека настојува да се бори за правата преку лични животни пример и делување.
Потсетуваме, дека партијата Хрватска демократска заедница (ХДЗ) чиј кандидат за претседател е Грабар Китаровиќ, во 2013 година при одржувањето на Поворката на гордоста во Сплит, имаше став со кој Поворката на беше поддржана, дотолку што од ХДЗ тогаш сметаа дека Поворките на гордоста значат општествена присила, провоцирање на некакви јавни ефекти и импресионирање на јавноста, односно Поворките на гордоста не се потребниот начин за остварување на човековите права во зрело демократско општество.
И покрај тоа што, со референдумско гласање, хрватскиот Устав беше изменет во делот на дефинирање на брачната заедница – како заедница исклучително помеѓу еден маж и една жена (и со тоа доби дискриминаторска димензија), Грабар Китаровиќ по прогласувањето на нејзината победа, рече дека нејзината програма „За подобра Хрватска“ не нуди никакви промени на Уставот.
Во однос на тогашните политички случувања, при процесот на уставните измени, значајно да се напомене е дека во име на ХДЗ настапуваше Жељко Реинер кој има пресуда од страна на Уставниот суд за дрискриминирање на ЛГБТ заедницата или конкретно трансродовите лица, заради оневозможување на промена на личните документи.
Исто така, академикот Реинер за време на расправата околу Законот за животно партнерство, се повикуваше на тексашката студија на Марк Регнерус, на која се повикуваше и Жељка Марќиќ (предводничката на иницијатива ЗА дефинирање брачната заедница исклучиво како заедница помеѓу еден маж и една жена „Во име на семејството“) при расправата за уставните измени. Инаку, истата студија беше отфрлена и како научно неиздржана од страна на матичниот Универзитет на Регнерус, но тоа не го спречи академикот Реинер од ХДЗ да ја користи истата за дефамација на предлог-Законот за животно партнество. Оттука, оправдано се поставува прашањето дали студија чиј автор е „научник-шарлатан“ соодветно се користи за прикривиање на хомофобичните ставови на ХДЗ во граѓанско прифатлива реторика (Гордан Духачек)?
Во таа смисла, постои изразено лицемерие на ХДЗ во однос на ЛГБТ темите, имајќи предвид дека претседателот на партијата Томислав Карамарко во референдумскиот период изјавуваше дека хомосексуалците не треба да се плашат и дека истополовите врски треба подобро да се регулираат, но кога беше предложен Законот за животно партнерство, од ХДЗ настапија релативно спротивно на овие ставови.
Конечно, со таквото сумирање на политичките и правните впечатоци од улогата на ХДЗ во процесите за подобрување или влошување на позициите на ЛГБТ луѓето во Хрватска, остануваат отворени многу дилеми во врска со потенцијалниот придонес на новата претседателка на Хрватска – Колинда Грабар Китаровиќ како кандидат на ХДЗ.