Претседателот на Русија, Владимир Путин се потруди да ја намали загриженоста дека новиот анти-геј закон на Русија ќе биде употребуван за да се казнат спортистите кои на Зимските олимписки игри во Сочи ќе дефилираат со знамиња во боите на виножитото, истовремено инсистирајќи дека геј луѓето не се дискриминирани во неговата држава.
“Ве уверувам дека соработувам со овие луѓе, понекогаш и ги наградувам со државни признанија и награди за нивните достигнувања во различни полиња“ изјави Путин минатиот вторник во интервјуто за Associated Press и државниот Канал 1. “Ние имаме апсолутно нормални односи и јас тука не гледам ништо надвор од вообичаеното“.
Тој додаде дека Русите го сакаат Чајковски и покрај тоа што за композиторот се вели дека бил хомосексуалец. “За волја на вистината, не го сакаме поради тоа, туку поради тоа што тој беше одличен музичар и ние ја сакаме неговата музика“ – рече Путин.
Путин изјави дека би се сретнал со членови на геј и лезбејската заедница доколку тие побараат да се видат со него.
Законот против “пропаганда на нетрадиционални сексуални односи“, кој Путин го потпиша на 29 Јуни, го забранува изложувањето на малолетници на информации кои овие односи ги прикажуваат како нормални или привлечни. Законот наметнува високи парични казни, истовремено казнувајќи ги и странските државјани и со казна до петнаесет дена затвор.
Додека руските власти го уверуваа Интернационалниот олимписки комитет дека Русија нема да ги дискриминира хомосексуалците за време на игрите во Сочи од 07 до 23 февруари, тие исто така кажаа дека законот ќе се спроведува. Ова го отвори прашањето што ќе се случи со спортистите или навивачите кои ќе дадат изјави или ќе направат гестови кои можат да бидат сметани како пропаганда.
Во интервјуто снимено во неговата резиденција надвор од Москва, Путин рече дека спортистите и навивачите нема да се казнуваат. Но, јасно е дека тој нема намерa да дозволи одржување на геј парада на гордоста во текот на Олимпијадата.
Минатиот месец, тој потпиша декрет со кој се забрануваат сите демонстрации и собири во Сочи во текот на Зимските олимписки игри.
Путин изјави дека тој има потполна доверба дека специјалните служби и агенциите за спроведување на законот на Русија ќе обезбедат безбедна атмосфера за време на ЗОИ. Сочи се наоѓа западно од Северен Кафказ, каде исламистичкото бунтовништво бележи пораст.
“Терористите секогаш се закана за некого„ – изјави тој. “Доколку се плашиме од нив, тоа значи дека терористите веќе победиле. Но, тоа не значи дека треба да завземеме безгрижен став кон оваа закана. Мораме да сториме се за да ги сопреме овие закани и да не им дадеме на терористите ниту една шанса да ја демонстрираат нивната бруталност и омраза кон целото човештво“.
Овие забелешки на Путин се дел од опсежното интервју во кое тој го преупреди Западот против спроведување на еднострана акција во Сирија, но исто така кажа дека Русија “не ја исклучува“ поддршката за евентуална резолуција на ООН за казниви воени интервенции доколку се докаже дека Дамаск употребил отровен гас врз сопствениот народ.
Извор:LGBTQ Nation