Уредникот на Advocate и долгогодишен фан на Супермен, Јасе Пиплес, открива зошто последното филмско остварување посветено на легендарниот Криптонец, е всушност геј алегорија на нашето време.
„Дали слушаш, Кларк?“ Учителката го прашува младото момче.
Тој е збунет, борејќи се да ги филтрира илјадниците звуци кои го бомбардираат неговиот аудиторен систем. Нејзиниот глас е еден од многуте кои ги преоптоваруваат младите момчешки уши. Збунет од опсегот на неговиот супер-слух, Кларк се врти кон неговата учителка додека неговиот ренгентски вид полека доаѓа во фокус. Тој ја гледа учителката и неговите соученици на начин кој за него е неразбирлив.
Исплашен, тој истрчува надвор од училницата, заклучувајќи се во хигиеничарската просторија на крајот од ходникот. Преку затворената врата, дури и откако цврсто ќе си ги покрие ушите, тој ги слуша неговите соученици како шепотат, нарекувајќи го „чудак“ и „изрод“.
Оваа сцена од филмот Човек од челик на Зак Снајдер, е една од многуте која се поврзува со ЛГБТ гледачите и потенцира зошто најновиот римејк на Супермен има поголема привлечност за ЛГБТ гледачите од кое било друго прикажување на приказната заснована на Кал-Ел, последниот син на Криптон.
Се разбира, немаме потреба од рентгентски вид за да објасниме зошто разнобојниот свет на стрипските супер херои им е привлечен на толку многу ЛГБТ луѓе. Жанрот е практично преплавен со квир метафори, движејќи се од карактери кои се борат со својот таен идентитет, па се до мутанти кои општеството ги презира само заради тоа што се родени поинакви. Но, Човекот од челик во себе интегрира неколку вакви пристапи.
Покрај симболизмот на младиот Кларк Кент кој се крие од јавноста борејќи се со делови од себе си кои се уште не ги разбира, но кои знае дека треба да ги сокрие од другите, новиот филм на фундаментално ниво ја реиновира приказната за потеклото на Супермен. Во оваа верзија на приказната, децата на Криптон не се раѓаат, туку тие се генетски инженирани за да изведуваат конкретна функција во Криптонското општество. Кал-Ел го сметаат за изрод бидејќи тој е природно зачнат од страна на неговите родители Џор-Ел и Лара – чин кој е незаконски на нивната планета.
Имајќи го во предвид фактот дека хомосексуалноста се уште е незаконска во многу држави ширум светот, овој мит за Супермен додава уште подлабока димензија во квир погледот на Човекот од челик. Неговиот статус на аутсајдер кој е роден поинаков ја поставува приказната за Супермен како ЛГБТ алегорија на исто ниво со карактерите од X-Men наMarvel.
Меѓутоа, ЛГБТ сензибилноста на филмот не завршува тука. Исто така, во бројни други сцени можеме да повлечеме паралела со вообичаените искуства во нашата заедница.
„Мораш оваа страна од себе да ја чуваш тајна“, Џонатан Кент (Кевин Костнер) му вели на својот посвоен син Кларк откако тој ќе ги употреби своите моќи пред своите соученици. Ова е коментар кој им е премногу познат на голем број ЛГБТ гледачи, кој е карактеристичен за добронамерните, но и неупатени родители кои стравуваат за безбедноста и среќата на нивното „поинакво“ дете. Но, токму следната сцена, прикажана како еден вид на аутирање е таа која погодува една мошне добро позната емоционална нота.
Како што Џонатан за прв пат му го отктива вонземското потекло на својот син, стравот од родителско одбивање е јасно прикажан на момчешкиот лик. „Дали можам само да продолжам да се преправам дека сум ти син?“, тој прашува, не сакајќи природата на нивниот однос да се промени сега, откако двајцата знаат кој е тој навистина.
Извор: ADVOCATE, 14.06.2013