Во продолжение, го пренесуваме интегралниот текст од соопштението до јавноста на релевантната меѓународна организација Amnesty International во врска со нападите врз ЛГБТИ Центарот за поддршка.
ДОКУМЕНТ – МАКЕДОНИЈА: ВЛАСТИТЕ ДА СПРОВЕДАТ ЦЕЛОСНА ИСТРАГА ЗА НАПАДОТ ВРЗ ЛГБТИ ЦЕНТАРОТ
АМНЕСТИ ИНТЕРНЕШНЛ
СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА
АИ РЕГИСТАР: EUR 65/002/2014
28 Октомври 2014 год.
Македонија: Властите да спроведат целосна истрага за нападот врз ЛГБТИ Центарот
Амнести интернешнл ги повикува македонските власти да отворат детална, непристрасна и ефикасна истрага за минатонеделниот напад на прославата на Центарот за поддршка на лезбејки, геј мажи, бисексуалци, трансродни лица и интерсексуалци (ЛГБТИ) и нивните поддржувачи во Скопје.
На 23 октомври, околу 30 момчиња/мажи го опколија кафе барот во Скопје каде повеќе од 60 членови на ЛГБТИ Центарот за поддршка и Хелсиншкиот комитет за човекови права ја прославувале втората годишнина од отворањето на Центарот. Насилниците, со качулки на главите и вооружени со стаклени шишиња и други тврди предмети, го каменувале објектот и потоа исчезнале.
Две лица кои стоеле пред кафе барот биле нападнати со шишиња и се здобиле со телесни поврди во пределот на главата и телото. Напаѓачите постојано им повторувале дека тука нема место за педери. Неколкумина кои се наоѓале во внатрешноста на кафе барот се здобиле со исеченици од разлетани парчиња стакло.
Ова е шести напад врз ЛГБТИ Центарот и неговите активности од неговото отворање во октомври 2012 година, меѓу кои каменување на објектот и обид за негово палење. Пет од нападите сè уште не се разрешени; истрага е отворена единствено за нападот во март 2013 година – кој бил дел од поголеми мултиетнички протести.
Амнести интернешнл ја повикува полицијата и Јавниот обвинител да извршат итна, непристрасна и ефикасна истрага за нападот. Истрагата треба да има за цел да открие дали зад нападот стојат хомофобични и трансфобични мотиви.
Организацијата изразува желење што Министерството за внатрешни работи, во својот извештај за инцидентот, не ја препознало организираната природа и наводните дискриминаторски мотиви за нападот врз прославата на ЛГБТИ Центарот, евидентирајќи го настанот едноставно како насилтво од непознати сторители.
Амнести интернешнл бара овој, како и сите други напади врз членовите и организациите на ЛГБТИ заедницата, да се истражуваат како кривични дела од омраза, согласно одредбите за кривични дела мотивирани од „расна и друга дискриминација“. Полицијата и Обвинителството треба да го истражат основаното сомнение дека нападот бил мотивиран од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родова припадност. Обвинителството треба да ги вклучи сите наводни дискриминаторни мотиви поврзани со нападот во сите пријави и обвиненија против осомничените, и во сите други релевантни правни постапки. Доколку се препознае таков мотив, судовите треба да се повикаат на Член 39 (5), кој предвидува дека дискриминаторниот мотив треба да биде одразен во пресудите за кривични дела извршени врз лица врз основа на нивниот идентитет.
Амнести интернешнл исто така бара од властите да отворат истрага за вербалните закани упатени против ЛГБТИ Центарот за поддршка преку социјалните мрежи.
Позадина
Македонија е постојано критикувана поради непочитување на правата на ЛГБТИ лицата. Легислативата против дискриминација не забранува дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родова припадност; овие основи не се експлицитно наведени ниту во Член 39 (5). Не постои посебна легислатива за кривични дела од омраза. Покрај тоа, властите не собираат податоци за кривичните дела од омраза. Заканите по животот и имотот на ЛГБТИ организацијата и поборниците за човекови права ретко се предмет на ефикасна истрага, а сторителите речиси никогаш не се изведуваат пред лицето на правдата.