Во рамки на програмата за одбележување на Меѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата, денес, во ЛГБТИ Центарот за поддршка се одржи јавната дебата на тема ,,Хомофобија/ Миграција/ Работнички права – Искуствата на Германија и Македонија!‘‘.
На дебатата учествуваа поранешната германска пратеничка д-р. Лале Акѓун, член на синдикатот на Златко Перијоски, а дебатата беше модерирана од програсмкиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка Кочо Андоновски.
Присутна беше и германската амбасадорка Штајнакер која на почетокот на дебатата ја истакна значајноста на човековите права и почитувањето на истите во македонското општество, потенцирајќи го Хелсиншкиот Комитет на РМ како една од организациите кои имаат голем придонес при промоцијата на човековите права и слободи.
Кочо Андоновски, отварајќи ја јавната дебата посочи на корелацијата помеѓу човековите права, миграцијата и визната либерализација, истакнувајќи го прашањето за миграцијата (барањето и добивањето азил) од аспект на општествените позиции на припадниците на ЛГБТИ заедницата. Тој посочи дека и покрај отсуството на прецизна статистика и анализа за барателите на азил по основ на сексуална ориентација, оваа појава постои и сподели дека тој лично бил контактиран за сведочење во процеси на добивање/барање азил по основ на сексуална ориентација.
Претставувајќи ги говорниците, Кочо Андоновски посочи на значајната врска помеѓу работничките права и воопшто човековите права на припадниците на ЛГБТИ заедницата, и оттука на значајноста од соработката помеѓу невладините организации и синдикатите како тренд на соработка кој го заговара Европската комисија и придобивките од таа соработка – зајакнување на внатрешната структура на граѓанското општество и поголема достапност до европските фондови.
Поранешната германска пратеничка д-р. Лале Акѓун, претставувајќи се, го опиша нејзиниот град на престојување Келн како германски ,,Сан Франциско’’, заради структурата на општеството каде што 15 % од истото се хомосексуалци. Таа ја претстави германската легислатива, од аспект на правата на ЛГБТИ заедницата како напредна, имајќи ги предвид законските одредби кои се однесуваат на даночните, пензиските права и правата за присвојување на деца за истополовите заедници како законски одредби кои не се различни од оние предвидени за другите форми на заедници.
Од аспект на врската помеѓу миграцијата и хомофобијата, д-р. Лале Акѓун посочи на фактот дека предрасудите кои ги имаат имигрантите од Источна и Јужна Европа често претставуваат основа за хомофобично насилство. Но таа, исто така, истакна дека помеѓу имигрантите постојат и хомосексуалци, а не само хомофоби, кои се организираат во правец на подобрување на нивните општествените позиции каков што е примерот со едно турско здружение каде се споени Турци, Грци, Евреи и припадници со потекло од Африка кое има за цел потенцирање на сексуалната ориенатација во начинот на живот и општественото функционирање.
Во своето излагање,д-р. Лале Акѓун наведе дека е многу значаен и концептот на работнички права и дека припадниците на ЛГБТИ заедницата треба да се насочат кон тие права како дел од човековите права што треба да бидат гарантирани, обезбедени и заштитени за припадниците на оваа заедница. Во тој правец, таа заборуваше за германското искуство на соработка помеѓу синдикатите и ЛГБТИ заедницата и истакна два добри примери: кога пред 20тина години полицискиот синдикат организирал кампања ,,Љубовта заслужува респект’’ со акцент на правата на ЛГБТИ заедницата во полициското работер; како и подготоврката на плакати за поддршка од страна на германскиот сојуз на синдикати ,,Против хомофобијата’’ како дел од кампањата за застапување за правата на припадниците на ЛГБТИ заедницата.
Поранешната пратеничка, воедно, ја потенцираше и потребата од соработка со државните институции, повторно посочувајќи на нејзиното искуство во пратеничкото претставувањето на Западно-Вестфалската покраина преку планот за акција против хомофобијата на работните места и во образованието. Исто така, ја истакна потребата и за сорабтока со невладините организации, верските институции и политичките партии.
На крај, таа ја ја отвори својата позната теза за ,,виножито коалициите’’ и американското искуство на спојување на малцинствата – симболично во ,,виножито’’ – наспроти јавните политики кои го фаворизираат мнозинството.
Она што беше интересно за трансродовите лица, како и за работничките права и еднаквоста, во излагањето на поранешната пратеничка е анегдотата која ја сподели, кога во незјиното работно искуство се соочила со случајот на промената на полот што го најавило конкретно трансродово лице пред својот работодавец. На таквата промена, работодавецот не се спротивставил, но во крајниот месечен извештај била извршена промена во износот на платата за тоа трансродово лице со објаснување дека жените во таа организација добиваат помалку пари.
Членот на синдикатот на пожарникари Златко Перијоски, кој работи како пожарникар спасител веќе 12 години, го започна своето залагање со заложбта за соработка помеѓу синдикатите и невладините организции, повикувајќи се на начелата на синдикалното здружување – солидарност, заемна помош и еднаквост. Во тој правец, тој зборуваше за заштитата на правата на работниците, без разлика и исклучување по било каков основ, а особено без разлика и исклучување заради сексуалната ориентација и погрешноста во правењето разлики помеѓу членовите на синдикатите и работниците по различни основи. Тој ги истакна двете компоненти во професионалниот ангажман на пожарникарите: заедништво и тимска работа, и оттука тој цени дека во нивното работење се обесхрабрува било какво поттикнување и промовирање на хомофобично однесување. Така што, преку своето работење тие се обидуваат да ги елиминираат сите форми на поделба, согласувајќи се дека не е хумано да се поддржува тортура на било кое човечко суштество. Своето излагање, Перијоски го заврши со ,,Ние сме сите еднакви и сите заеднички работиме.’’
На прашањето до Златко Перијоски за работните услови на пожарникарите, предизвиците со кои се соочува синдикатот на пожарникарите, како и за третманот на различноста во професионалните ангажмани, тој посочи дека не се остваруваат ниту минималните законски стандарди во обезбедувањето на работните услови и безбедноста при работата, и единствената причина за успешната работа на пожарникарите е заемната инспирација и успешната тимска работа. Оттука, од аспект на третманот на различноста тој рече дека професионалното работење на пожарникарите предвидува тие да функционираат како ,,едно тело’’ и дека не постои простор за дискриминација и неприфаќање заради личните карактеристики. Персијоски, во таа смисла, го спомна пензионираниот колега кој бил отворено хомосексуалец и дека таквата сексуална ориентација никогаш не се испречувала во тимската работа и успешното работење на пожарникарите.