Утре на 28-ми септември, ќе се одржи Поворка на гордоста во Белград. По тој повод, потсетуваме на динамиката во обидите за одржување на Поворка на гордоста, кога првиот обид за одржување на истата во Белград беше во 2001 година, односно откако се случија демократските промени и заврши со напад врз учесниците од страна на хулигани и десничарски групи. Понатаму, овој настан повторно беше планиран во 2004 година, но беше откажан заради мартовски немири во Косово. По неколку годишна пауза, Поворката се реализираше во 2010 година со големи нереди и голем број на жртви.
Оваа година, од безбедносен аспект – како најзначаен во белградскиот контекст – Поворката на гордоста ќе биде организирана со ангажирање на 7000 полицајци од различни единици. И покрај тоа што Поворката не претставува закана, односно учесниците се собираат мирно – како што ќе изјави Бобан Стојановиќ (член на организацискиот одбор на Поворката), сепак постојат групи кои ја загрозуваат безбедноста на сите присутни. Дополнително внимание се посветува на ова прашање откако беше нападнат и повреден германски државјанин, кој престојуваше во Белград како учесник на дводенавната конференција ,,Иднината ни припаѓа нам – правата на ЛГБТ луѓето во процесот на пристапување кон ЕУ‘‘. Водејќи се од овие околности, како и политичките позиции на актуелната српска Влада на Александар Вучиќ, Јованка Тодоровиќ од ,,Labris‘‘ е скептична и изјавува дека ,,Ние секогаш ги поддржуваме ангажманите на полицијата, но со одредена доза на скептицизам морам да прашам за тајмингот на моменталниот штрајк.‘‘ Имено, во Србија од вчера се започна штрајк – како што беше најавено од Независниот синдикат на полицијата во Србија, како и од страна на уште три полициски и еден пожарникарски синдикат. Во врска со овој штрајк, беше истакнато дека сите итни работи ќе бидат покриени, но со намалени капацитети. Претставникот од Независниот синдикат на полицијата во Србија Веселин Николиќ, како причини, меѓудругото, за штрајкот го наведува неисплаќањето на патни трошоци за изминатите 12 месеци и континуираното намалување на платите.
И покрај разликата во приложените бројки на припадниците на српската полиција кои штрајкуваат, од српското Министерство за внатрешни работи истакнуваат дека редовните активности ќе се вршат непречено, при што додаваат дека повеќе од 95% од припадниците на полицијата ја вршат својата работа одговорно и професионално, во овој момент, недозволувајќи да биде загрозена безбедноста на граѓаните.
Подолу е прикажана рутата по која ќе се движат учесниците на овогодинешната Поворка на гордоста во Белград. Се претпоставува дека на истата ќе присуствуваат околу 1000 луѓе, при што најавено е присуство и на амбасадори и српски политичари.
И покрај тоа што се истакнува значењето на овој настан за Србија, од аспект на евро-интеграцискиот процес, сепак постојат фракции во српското општество кои не го поддржуваат владеењето на правото, и борбата за човековите права како заедничка со онаа на припадниците на ЛГБТИ заедницата. Така, вечерва во Белград (Trg Republike) е организиран протест против Поворката на гордоста и јавно прикажување на рускиот документарен филм ,,Содом‘‘. Целта на овој собир е да се прикаже што може да следува по одржување на Поворка на гордост – како што ќе изјави Бошко Обрадовиќ од движењето ,,Dveri‘‘ и организатор на овој собир.