Пресудата во случајот Oliari and Others v. Italy на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не е значајна само за Италија, туку за цела Европа, имајќи предвид дека за прв пат ЕСЧП носи одлука во која се препознава потребата од правно признавање на правото на склучување истополови заедници. Истата пресуда наложува до италијанските власти да го решат проблемот со нееднаквоста во врска со цивилните или регистрираните партнерства кои треба да бидат правно гарантирани и обезбедени и за истополовите партнерства.
Тоа значи дека Италија треба да ја адресира небалансираноста која постои помеѓу реалноста и правото, како и потребата од овозможување на соодветна правна заштита на истополовите парови и нивната посветеност во личната релација. Во пресудата се наведува и тоа дека италијанскиот Уставен суд претходно упатил на потребата од признавање на истополовите партнерства, во 2010 година, кога следувале и ветувања од извршните власти во врска со ова прашање, но сето тоа без никаков исход.
Од најголемата европска организација која работи во областа на човековите права на ЛГБТИ луѓето, ИЛГА-Европа, силно ја поздравуваат пресудата и ги истакнуваат своите очекувања од италијанските власти:
„Навистина се надеваме дека ова пресуда ќе го забрза процесот на правно признавање на истополовите партнерства, и тоа не само во Италија, туку и во другите 22 држави кои се членки на Советот на Европа, кои моментално не го признаваат правниот статус на истополовите парови. Ги охрабруваме политичарите и законодавците во тие држави да ја преиспитат пресудата низ реалностите на истополовите парови и да се поредат на страната на еднаквоста, почитта и достоинството за сите парови“ – вели Џојс Хамилтон од Извршниот одбор на ИЛГА-Европа.
На таа линија, и неговиот колега Пауло Корте-Риал од Извршниот одбор на ИЛГА-Европа, цени дека:
„Ова пресуда е повик за итна акција во Италија. Амбиентот со позитивното јавно мислење и политичката поддршка која беше толку евидентна во Италија, следејќи го примерот со референдумот за брачна еднаквост во Ирска, доведе до ветување за долго очекуваната антиципација на законското решение околу истополовите партнерства пред почетокот на летото. Сепак, бевме разочарани кога сето ова беше одложено до враќањето на парламентот на есен. Но ова одлука направи да биде јасно дека италијанските политичари мора да реагираат одлучно.“
Од друга страна, и спротивно на овој тренд, кој понатаму ќе биде помогнат и со влијание од пресудата Oliari and Others v. Italy на ЕСЧП, потсетуваме дека во македонското општество имаше обиди да се втемели нееднаквоста како принцип во Уставот на Република Македонија, иако овој највисок политичко-правен акт веќе ја гарантира еднаквоста на сите граѓани на Република Македонија. Имено, актуелната владеачка гарнитура предложи промени на нормативниот текст на Уставот, меѓудругото, предлагајќи да се дефинира (вон)брачната заедница и било кој друг вид заедница како заедница помеѓу еден маж и една жена (Амандман 33), иако овој предлог беше усвоен во друга форма. По реакциите на Венецијанската комисија, но и на многу домашни НВО кои работат во областа на човековите права на ЛГБТИ луѓето во Македонија, беше одлучено да се гласа за променет предлог, односно невклучување на вонбрачната заедница во уставното дефинирање. Така, само брачната заедница се задржа во нормативниот текст на Уставот како заедница помеѓу еден маж и една жена. Напоменуваме дека и покрај промената на предлогот-амандман 33, и понатаму ова уставно решение значи повреда на принципот на еднаквост на сите граѓани, гарантиран со Уставот на Република Македонија.