Оваа сред во Читателскиот клуб во ЛГБТИ Центарот за поддршка беше презентиран романот ,,Морис‘‘ на англискиот писател Едгар Морган Форстер, од страна на Никола Гелевски, уредник во ,,Темплум‘‘.
„Морис“ е приказна за млад човек од средната класа во потрага по сопствениот идентитет во рамки на општество во коешто нема место за остварувањето на неговата љубов кон маж. Објавен 1971 година, една година по смртта на Форстер, пишуван меѓу 1913-1914 година, а ревидиран во 1932 и меѓу 1959-1960 година, овој роман е единствениот во опусот на Форстер кој доминантно се занимава со љубовта меѓу мажи. Плашејќи се јавно да истапи со својот геј идентитет, Форстер сметал дека романот требало да остане необјавен „с? до неговата смрт или до смртта на Англија“.
Романот „Морис“ е повик за емоционална и сексуална искреност, воедно и прониклива критика за репресивните норми на англиското општество. Во „Морис“, авторот го отвора и прашањето на автоперцепцијата, разбирањето на себеси и себеостварувањето во непријателски настроената средина. Морис се бори со себе, а истовремено и со сопственото опкружување, за да изнајде простор каде што би можел да биде тоа што чувствува дека е, и како таков да биде прифатен. Со тоа се отвора конфликтот меѓу внатрешниот живот, или потребата да се живее сопствениот живот во согласност со вистинската природа на неговите емоции, и надворешните социјални сили што тежнеат кон тоа да го дефинираат и вкалапат животот на секоја индивидуа во однапред одредени строги калапи.‘‘
Говорејќи за ,,Морис‘‘, Никола Гелевски го отвори аспектот на класното припаѓање и одржливоста на романтичните врски, истакнувајќи ја врската на Морис и Клајв и понатамошното развивање на приказната на Клајв кој се откажува од љубовта, заради повторното навраќање кон нормативите на англиското општество. Спротивно на тоа, Морис преку својата љубовна историја го надминува класното ограничување, и повторно учевствува во љубовно искуство со маж – Алек, човек од работничката класа кој во една секвенца од романот вознемирено му објаснува на Морис за начинот на обраќање кон слугите. Имено, преку овој дијалог и преку суптилното оцртување на Алек, Форстер го соголува класниот момент во овој роман.
Во тој правец, провокативно настапувал и самиот Форстер пред своите пријатели со овој роман, пред неговото објавување и ,,некои од нив го критикувале неверојатно еуфоричниот крај на романот, во којшто главниот лик Морис, со потекло од средната класа, се вљубува во Алек, ловочувар, и го отфрла својот угледен урбан живот за да живее со рурална идила со својот љубовник од ниската класа. Сепак, Форстер одбил да го измени крајот, иако во неколку наврати правел ревизии на романот. Свесен дека објавувањето на романот би предизвикало социјален бес и гнев, Форстер го подготвил за постхумно објавување, додавајќи ја реченицата: „Би можело да се објави – но дали вреди“ на корицата на ракописот.‘‘
Во разговорот кој што се водеше, откако Никола Гелевски го презентираше романот, токму среќниот крај на ,,Морис‘‘ беше потенциран како причина за постхумното објавување на романот, заради опасноста од изложување на една друга возможност за заедништво наспроти конвенционалните форми.
Романот ,,Морис‘‘ претставува и литературна основа за онаа идентитетска игра која што постојано го актуелизира прашањето ,,Кој сум јас?‘‘ преку различните рамништа на преиспитување кои се преклопуваат и преплетуваат, и оттука се однесуваат и на преиспитувањето на сексуалноста. Тоа исклучително добро е претставено преку следната одломка од романот:
,,Морис конечно неволно појде во кревет. Таа соба секогаш го плашеше. Беше вистински маж во текот на вечерта, но во истиот момент кога мајка му го бакна за добра ноќ сите стари стравови повторно го преплавија. Она што го вознемируваше беше огледалото. Не му пречеше да го гледа своето лице во него, ниту сенката што поминуваше по плафонот, но воопшто не сакаше да го гледа одразот од сенката што во огледалото поминува по плафонот. Ја местеше свеќата на посебен начин за да го избегне тој одраз, но потоа храбро ќе се осмелеше да ја врати на нејзиното место, што ќе го исполнеше со страв. Знаеше дека нема ништо страшно во тоа. Но сепак се плашеше. На крајот брзо ќе ја дувнеше свеќата и ќе се скриеше во креветот. Не му пречеше густата темнина, но за жал, неговата соба се наоѓаше токму наспроти уличната светилка. Кога светлината безопасно продираше низ завесите се чувствуваше безбедно, но понекогаш на мебелот гледаше дамки во форма на черепи. Срцето му чукаше многу брзо, а тој лежеше ужаснат, иако сите блиски беа на дофатот на неговата рака.‘‘ (стр. 22, ,,Морис‘‘, ,,Темплум‘‘, 2013)
На крајот од презентирањето на ,,Морис‘‘, Никола Гелевски посочи на фантастичната аналогија со отварањето (експанзијата) како психолошко начело во романот, и понатаму како впечаток или последица по читателите од една страна, и од друга како техничко (,,архитектонско, отаде рационалните прости принципи‘‘) начело кое што Форстер го опфаќа во неговиот теориски концепт за седумте клучни аспекти на еден роман, меѓу кои се и ,,ритам‘‘ и образец‘‘. Водејќи се токму од тоа техничко начело, Никола Гелевски ја изложи и паралелата со музиката што ја прави Форстер: ,,на која страна ќе се свртам, не во смисла да побарам помош, туку аналогија? Музиката, иако нема работа со човечки суштества, иако со неа владеат многу заплеткани закони, сепак во неа има убавина која раскажувачката проза може да ја оствари само на сопствен, засебен начин (…) тип на убавина која е специфичност на прозата: тоа мора да биде водечка идеја за еден романсиер.‘‘ При тоа, таквата убавина е поврзана со експанзијата, односно отварањето или ритмичната целина која се создава. ,,Кога симфонијата ќе се заврши, тоа е дека нотите и мелодиите од кои симфонијата се состои се ослободени, во ритамот на целината ја нашле својата индивидуална слобода – зарем не може и романот да биде ист таков во алегориска смисла?‘‘ Како што посочи, Никола Гелевски со изложувањето на кореспонедицијата помеѓу техничкото и психолошкото отварање во ,,Морис‘‘, и преку теориското промислување на Форстер како романсиер, сакаше да обрати внимание на ужасната битност од отварањето или ‘‘acting out‘‘-от, како во смисла на сексуалната отвореност, така и во смисла на пријателството и на секоја друга појава од која зависи целината на нашите животи. Конечно, Никола Гелевски заклучи дека ‘‘acting out‘‘-от е далеку од завршена приказна, но е многу важен почеток на приказната.
Оправдувајќи ги причините и очекувањата за изборот на ,,Морис‘‘ како дело кое ќе го презентира во Читателскиот клуб, Никола Гелевски посочи на квирот како широка платформа на отпор, бунтовништво и чудаштво, како стратегија на опстојување наспроти хетеронормативноста и на неговото младешко искуство со идентификувањето со квирот во таа смисла. Во разговорот што понатаму се отвори, извршната директорка на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на РМ Уранија Пировска го потенцираше таквото значење на квирот како цел на Читателскиот клуб, и понатаму како начин на дејствување и промислување на ЛГБТИ Центарот за поддршка што претставува ,,еден вид засолниште за сите оние кои не се пронаоѓаат во толпата.‘‘