Вчера, на 26ти март 2014, во повеќе медиуми се појави нова вест за македонската пејачка Фифи, која настапуваше на шоуто Х-фактор. Имено, се работи за вест со наслов: „Креаторот на фустанот на Фифи со големи маки: Едвај успеав да го сокријам половиот орган“. Истата се појави во српските медиуми, па беше пренесена и кај нас.
Кратката статија се фокусираше на изјавата на креаторот Лазар Илиќ, кој креирал фустан за Фифи, за финалето на Х-фактор. Изјавата, која на прв поглед има дискутабилна заднина, е следнава: „Најголем проблем ми беше да го сокријам машкиот полов орган, се изнамачив и од тоа најмногу се плашев. Сакав во таа креација Фифи да се почувствува како вистинска жена“.
Освен типичниот сензационализам кој зрачи од насловот и бара внимание, тотално се занемарени одредени факти и околности. Самата креација, односно димензиите и кројката, апсолутно не оставаат никаков простор за таков коментар од страна на креаторот. Дали оваа негова изјава ја доведува во прашање самата негова компетентност за вршење на сопствената работа? Исто така, самата изјава и тонот во истата ги прави контрадикторни неговите претходно изнесени ставови дека „не го крие своето воодушевување од Фифи, за неа вели дека е оригинална и забавна жена“.
Впечатокот од текстот е дека се прави непотребна и непосакувана врева околу интимни аспекти на една личност, само заради тоа што таа личност не влегува во цисродовиот хетеронормативен „калап“ кој се промовира насекаде како единствен правилен и прифатлив начин на живот. Дали креаторот и на другите свои клиентки им вели дека „сака да се почувствуваат како вистински жени“ или тоа се подразбира поради нивните интимни делови? Дали тоа претставува редуцирање и класифицирање на луѓето само според деловите од телото, не оставајќи простор за ништо друго? Кон што води тоа?
Од друга страна, важен е и фактот што во изјавата експлицитно се истакнуваат интимните делови на пејачката, при што се добива впечаток дека се прави обид да се истакне „машкиот дел“, да се прикаже дека Фифи не е „вистинска жена“, што за жал, не е прв случај во медиумските статии за оваа пејачка, но и за трансродовите лица воопшто. Упорно се негира нивниот родов идентитет, и упорно се сведувани на ништо повеќе од нивните гениталии, околу кои темата постојано кружи, во потрага по исфорсирано внимание, гледаност, читаност… Од истата причина, во фокусот се само транссексуалните лица, додека останатите трансродови лица се во сенка.
Во однос на перцепцијата, исто така, на лицата што немаат направено „медицински интервенции“ им се обраќаат според полот од раѓање, при што добива на важност единствено фактот дека „не направиле промена“. Од друга страна, кога истите луѓе ќе го поминат процесот на медицинска транзиција, горенаведениот „важен факт“ станува неважен, и тоа по потреба, при што честопати повторно им се обраќаат според полот од раѓање, непочитувајќи го нивниот идентитет и повторно туркајќи ги во својата задушлива бинарност. За жал, вакви се искуствата на многу транс луѓе.
Самата транс заедница во Македонија е многу малку видлива, а статиите кои се појавуваат, во најголем дел се сензационалистички, придружени со наслови и фотографии кои го насочуваат читателот во правец на тоа дека овие лица се само „хомосексуалци во облеката на спротивниот пол“ или лица со некаков психички проблем, кои поминуваат низ некаква „фаза“. Тоа е сосема погрешно и ја става оваа веќе ранлива и маргинализирана група во уште понеповолна ситуација. Тие се непризнаени од институциите, не можат да остварат голем дел од своите основни права, а медиумите ретко прават нешто за да го насочат ставот кон оваа популација во попозитивна насока. Потребно е значително подигнување на свеста за да сфатиме дека родот е спектар, дека постојат голем број на различни идентитети и дека огромен е бројот на луѓето кој на некој начин, помалку или повеќе, излегуваат од затворената и ограничувачка „кутија“ на хетеронормативниот свет, а тоа не значи дека се трансродови лица – такви луѓе сите сретнуваме постојано, секој ден. Потребно е разбирање и прифаќање, а статиите како горенаведената водат кон уште поголем јаз помеѓу трансродовите лица и нивното право да живеат среќен и продуктивен живот како и сите останати лица.
ЛГБТИ Центар за поддршка
Фотографијата е преземена од Пулс24.