“Работнички права на македонските ЛГБТИ работници” – тема која е реална и тешка! На 11.06.2014 Фридрих Еберт Штифтунг – Канцеларијата во Македонија и НСПМ (Независен синдикат на пожарникари на Македонија) одржаа јавна дебата заедно со ЛГБТИ Центарот за поддршка и Хелсиншкиот Комитет за човекови права на РМ.
Кочо Андоновски (Програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот) даде кратка ретроспектива на актуелните закони кои се дизајнирани да ги заштитат работниците (и сите останати) од различните форми на дискриминација. На жалост, зборуваше Кочо Андоновски, најчестата форма на дискриминација за припадниците на ЛГБТИ заедницата во Македонија – дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација не беше експлицитно вклучена во Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Неда Чаловска (Правна советничка во Хелсиншкиот Комитет) зборуваше за два специфични случаи за дискриминација на база на сексуална ориентација во Македонија. Двата случаи беа поврзани со работнички права во Македонија и двата случаи имаа негативни последици по жртвите: едната од жртвите ја изгуби работата, а другата жртва се соочува со три месечна казна затвор поради неплаќање на алиментација (што е многу тешко да се освари со оглед на тоа дека жртвата не може да најде работа во малиот град каде што живее поради нејзининиот родов идентитет – трансродова жена).
Тони Бошковски (Претседателот на НСПМ) зборуваше како односите во неговата неговиот синдикат се базираат на заедништво, солидарност и еднаквост без разлика на родот, етницитетот, националноста, староста или сексуалната ориентација. Мисијата на секој синдикат треба да биде заштитата на неговите работници без оглед на нивните погледи и афинитети – и тоа е тоа што всушност НСПМ го прави цело време. Нивната професија (пожарникари) не им дозволува да толерираат била каква форма на дискриминација, ниту пак има место за хомофобија. Во текот на нивните кариери, нивните животи зависат од заложбите на другите и тие не можат да негираат давање помош некому само поради тоа што таа особа би можела да има различна сексуална ориентација од нивната.
На крај следеше заедничка дискусија со различни прашања, одговори и изјави од учесниците заедно со заклучокот дека македонските синдикате треба да ја продлабочат соработкат со невладиниот сектор за да ги зајакнат сопствените капацитети и да разменат искуства.