Во продолжение, ја пренесуваме кратката исповед на Хелена Вуковиќ, во врска со нејзината транзиција. Текстот е прв од специјалната серија текстови кои ќе ги пишува, избира и обработува Алекс Ристовск, од тимот на ЛГБТИ Центарот за поддршка, како и координатор на групата за поддршка на трансродови лица. Оваa активност на документирање на лични истории, настани и состојби ќе биде во насока на зголемување на присутноста на транс-теми во медиумискиот простор, а со тоа и зголемување на видливоста на трансродовата заедница во Македонија, но и пошироко.
***
„Конечно”, помислила Хелена Вуковиќ, пензиониран мајор, кога во изводот од матичната книга на родените ги видела своето (ново) име и големото Ж во делот за пол.
Симболично, документот кој потврдува дека некоја личност постои на овој свет, е доказ за новото раѓање на овој татко, сопруг, некогашниот припадник на Војската на Србија – повторно роден во тело на жена.
– Недоволни се буквите и зборовите со коишто може да се опише мојата среќа, што денес ја почувствував, додека како маче играв околу пликото во коe знаев што има. Тргнувам да го отворам, па ја повлекувам раката и така неколку пати. Со солзи радосници ја поминав оваa прилика на читање на изводот што го добив по пошта од родното место, точно три месеци од операцијата, и тоа е само еден од показателите за неизмерната среќа – открива Хелена во разговор со „Блиц”.
Од 2014 година, кога првпат отишла на ВМА и им објаснила на лекарите дека сака да го промени полот, Хелена се соочила со тешка борба за почит, особено во Министерство за Одбрана со кое е во спор, заради тоа што била жртва на дискриминација за време на постапката на добивање пензија.
– Самиот процес на транзиција траеше некои 16 до 17 месеци, што е многу кратко, затоа што просечен рок за комплетна транзиција е од две до четири години, што пак зависи од проценката на психијатрот, психологот, ендокринологот… Сепак потребно беше многу време за од ушите на луѓето да им излезе надимакот „Мајор Хелена”, и наместо тоа да почне да се употребува Хелена Вуковиќ, активистка која се бори за правата на транс лицата.
Можеби, всушност, и нејзината борба направила административната битка да биде полесна отколку што очекувала.
– Од моментот на предавање на барањето за промена на ознаката за пол, па до добивање на првиот извод од матичната книга на родени, помина помалку од месец дена, што покажува дека многу работи се подобрени во самиот систем, така што многу работи се забрзани и поедноставени. За одлуката за менување на ознаката за пол чекав само еден ден, а за решението за промена на името чекав 15 или 16 дена. Останува само уште да извадам лична карта, пасош и возачка дозвола со новото име и ознаката за пол.
Нејзината транзиција успеала да ја зголеми видливоста на транс лицата во Србија и да укаже на проблемите со кои се соочува, а во врска со реакциите на блиските, вели:
– Реакциите на блиските се секогаш бурни на почетокот, но јас и ден денес со поранешната сопруга имам коректен однос, а децата кои ги сакам најмногу на свет се тука: за нив сум татко и секогаш ќе бидам тоа. Што се однесува на односот со мојата мајка, нејзе не сакав да и’ го кажам точниот датум за операцијата, за да не се грижи бидејќи е изнемоштена, но дознала од роднините па малку и се загрижила за се’. Сепак откако виде дека се’ помина како што треба, почувствува олеснување.
Извор: www.blic.rs